Владата и Југохром ќе потпишуваат Меморандум за разбирање

Владата на Република Македонија на вчерашната 31. седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од потпишување на Меморандум за разбирање за надминување на состојбите поврзани со работењето на Друштвото за производство, трговија и услуги Југохром Алзар во Јегуновце.

Ова решение, соопштија од Влада, има единствена цел да се надминат проблемите во компанијата што доведоа до запирање на нејзиното работење, откако нејзината управа не ги обезбеди неопходните еколошки сандарди.

„После повеќе средби и разговори меѓу претставници на компанијата, на синдикатот на Југохром, и на граѓанските еколошки организации, донесен е заеднички заклучок дека сите наведени субјекти се заинтересирани за продолжување со работа на компанијата. Управата на друштвото во овој правец изјавува дека е спремна да прибави А – еколошка интегрирана дозвола согласно закон, преставниците на синдикатот исто така ја искажуваат нивната спременост веднаш да се вклучат во процесот на работњето. Од друга страна невладините организации не се противат на повторното рестартирање на работата на комбинатот, по инсталирање на соодветни заштитни филтри и опрема која ќе го спречи загадувањето на животната средина“, се наведува во соопштението.

Од Влада, додаваат, се спремни, преку надлежните органи, веднаш по исполнувањето на условите, да ја издадaт еколошката дозвола потребна за продолжување со работа на комбинатот, во најкраток можен рок. Меморандумот за разбирање ќе го потпишуваат управата на компанијата, синдикатот и Владата.

На прашање за „Јухохром“, заменик-министерот Јани Макрадули пред вчерашната дебата „Не оставај на друг, дојди за чист воздух” рече дека комбинатот може да се рестартира во фази и само по исполнување на еколошките стандарди, по воведување соодветни филтри и она што како екологија треба да го задоволува.

„’Југохром’ беше затворен затоа што, како што кажа и премиерот Заев, менаџментот на комбинатот беше жртва на притисоци и уцени од претходната влада“, рече Макрадули.

Инаку, Инспекторатот за животна средина уште пред ланската зима донесе одлука за забрана на работа на комбинатот по констатација дека не ги исполнил активностите предвидени во Оперативниот план, меѓу кои се предвидуваше и системот за отпрашување.

По исклучувањето на печките, Синдикатот на вработените во „Југохром“ на неколку пати протестираше и рекоа дека се чувствуваат измамени, и од сопствениците и од институциите, кои најпрво задоцниле со издавање на дозволи за изведба на филтрите, а потоа наредиле исклучување на печките. Сметаа дека Тетово е загаден и без „Југохром“.

За разлика од нив, Здружението „Еко герила“ потенцираше дека мерните станици покажуваат почист воздух во времето кога комбинатот не работи. Активистите искажаа поддршка на Инспекторатот и на Министерството за животна средина „да не станат жртви на тактизирањата од раководството на ‘Југохром’“.  Изјавата на премиерот Зоран Заев, пак дека „Југохром“ ќе започне со работа со полн капацитет со поставување филтри во месец март, ја нарекоа предизборна пропаганда.