#ЌеПоцркаме без заедничка борба и со трпење загадување за социјален мир

Претставници од институции, активисти, луѓе од ИТ-секторот и повеќе граѓани преку јавната дебата „Не оставај на друг, дојди за чист воздух“ во МКЦ укажаа на потребата за заедничка борба против загадувањето. Секој колку може, каде може да вложи, за да добиеме „опипливи“ резултати за чиста средина.

На дебатата иницирана од „World Space Week Macedonia“ се зборуваше за изворите на загадувањето и за одржлив начин на живот. Се споменаа разни бројки, идеи и истражувања, но се начна и потребата од построги и похрабри мерки од надлежните институции. Да не се трпи загадувањето за социјален мир во земјата.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, посочи дека за прв пат во интерсекторската работна група за загадувањето се вклучени и здруженијата на граѓани, со свои претставници.

„Оваа борба е заедничка. Планираме настан во кој компаниите кои се активни и се борат за животната средина да дадат иновативни решенија и придонесат за чиста животна средина, со што ќе ја анимираме пошироката јавност за т.н. еко-Прибе“, рече тој.

Прво, вели тој, она што го извадиле од фиока – ратификацијата на Парискиот договор, тоа е веќе во собраниска процедура. Во рамки на активностите од ИПА средствата ќе се изработи и закон за климатска акција и климатски промени.

„Практично, климатските промени се чадор на сето ова што го зборуваме. Ова не е изолирана работа. Кога зборувате за загаден воздух, тоа е интегриран проблем што доаѓа од различни зони и пристапот мора да биде интегриран, со законски решенија, со измени на нелогичности, но и со обврски кои мора да се наметнат. Пример, Краков е еден од поголемите градови во Полска, земја членка на ЕУ. Полска донесе одлука до 2022 година – тој што во станот нема да го промени загревањето од јаглен во друг извор, ќе му се одземе станот и ќе се стави на лицитација. Тоа на прв поглед е непопуларна, но долгорочно корисна мерка за локалните граѓани“, нагласи Макрадули.

Ги праша присутните колку од нив користат репариран тонер? Колку ИТ компании го третираат електронскиот отпад? Нагласи, тоа е нешто што ИТ-заедницата може да го понуди како свој придонес во земјата каде живее. Мораме да го смениме и синдромот и навиките. Сите знаеме како се однесуваме „на запад“, а овде, вели тој, делуваме со лоши навики.

„Сакам да бидам дел од решението. Во овој момент е таква атмосферата – сите зборуваат за екологијата. Ако се оствари се’ ова што кажуваат кандидатите за градоначалници, тогаш министерството ќе си го затвориме. Но, не одат така работите… Ова е работа која го загрижува целиот свет. Минатата недела ОН објави извештај кој вели дека 6.5 милиони жители во светот умираат од загадувањето. Потоа, 4.3 милиони се од домашно загадување, од готвење на дрва, од користење на несоодветни средства. Таа бројка во Европа е 99.000 луѓе. 19.000 се во земји со висок БДП. Во овој момент, кај нас, домашното греење е проблем број 1. Не постои институција со дилема за тоа во Македонија. Една од моите цели е да ги разбиеме митовите во Македонија за причинителите“, нагласи тој.

Смета дека градовите во земјава се високо на листата на најзагадени во Европа поради недолгорочни и популистички мерки. Кај нас, вели Макрадули, такси-возилата со лошо гориво, автобусите со лошо гориво се социјална, но и политичка одлука.

„Зошто некаде може да се казни човек сам ако се вози во кола, а кај нас е страв дека ќе има реакција. Таквите мерки треба да имаат поддршка од сите добромислечки луѓе. Ова не се решава со популистички мерки. Ни треба гасификација. Сите луѓе кои имаат централно греење да се греат на централно греење. Ако решение се топлотните пумпи, тогаш топлотните пумпи ќе се применат. Ако соларната енерија е решение, тоа да се примени. Ама, не на седми спрат во зграда во Скопје да се греете на гума. Прво, така се загадувате дома. Ја разбирам социјалната компонента и ја почитувам. Меѓутоа, на пример, и субвенциите нема да донесат трајно решение. Треба масовен пристап. Друго, неформалните собирачи на отпад (евидентирани како најефикасни селектори н.з.) треба да имаат партнерски однос со државата и да ги вработиме. Од неформални да станат формални собирачи“, рече Макрадули, дополнувајќи поттик и за менување на курикулумите во училиштата во однос на животната средина.

Една од панелистите беше Ели Пешева од О2 Коалицијата за чист воздух. Нагласува, како активисти и граѓани, не им е поентата само да им се слушне гласот, туку заедно како партнери да направат мерки и да ги реализираат, секој во својата сфера. Тоа, според неа, дава долгорочен бенефит.

Хајан Селмани (лево) и Ели Пешева (десно) на јавната дебата „Не оставај на друг, дојди за чист воздух“

„Успеавме да се обединиме, во Коалицијата влегуваат повеќе иницијативи и здруженија од целата држава, но и индивидуални активисти. Сите заедно, секој во своја општина, во својот сегмент, успеавме да направиме план за иднина. Пакет-мерки доставивме до Владата, МЖСПП и до Државниот инспекторат за животна средина. Веќе имаме Платформа за чист воздух која ја доставуваме до сите кандидати за градоначалници. Се надевам во четврток, кога ќе биде потпишувањето изјавата, ќе се појават сите и покажат искрена намера за подобрување на состојбата“, рече Пешева.

Во однос на достапноста на информации и транспарентноста на институциите, не може да тврди дека е ограничена, или е комплетно отворена. Зависно на која институција и се обраќате. Она што е многу интересно, вели таа, е што им се приклучиле и луѓе кои работат во тие институции, но не сакаат да се експонираат.

Потенцира дека мора да се работи на повеќе аспекти истовремено. Од друга страна, нагласува Пешева, искуствата покажуваат дека ако чекаме на самоиницијативност од граѓаните, нема да ја добиеме.

„Хаштагот #ЌеПоцркаме ќе си остане до крај. Токму она што беше споменато за социјалната компонента, домаќинствата и политичката одлука… Ако домаќинствата се клучниот загадувач, ако користењето на неквалитетните горива е исто така меѓу клучните загадувачи, а ние во последните години имаме 100-200.000 увезени автомобили од којзнае каде.. како тие ќе ги исклучите од сообраќај? Како ќе ги натерате граѓаните кои не се едуцирани, социјално загрозените да мислат на општото добро? Како да се дојде решение без политички компромиси? Не чека многу работа!“, констатира таа.

Основачот на македонска ИТ-компанија „Хаселт“, Хајан Селмани, вели дека со развој на технологијата, во светски рамки, ИТ-секторот е исклучително важен за решавањето на загадувањето. Според него, апликацијата „Мој воздух“ е многу добар пример како сите станавме посвесни за проблемот што ни се случува.

„ИТ-секторот не треба да биде само вклучен, туку и клучен. Во моментов имаме неколку мерни станици, но доколку има многу повеќе, на разни места и градови, може да добиеме порелеватни податоци. Ќе се добие и приказ од каде доаѓа загадувањето. Со помош да податоците може да се лоцира од каде најмногу се генерира тоа загадување“, забележа тој, дополнувајќи дека на луѓето од ИТ-секторот им се неопходни основни информации, за да понудат идеи.

Ако можат да се прават хакатони за различни теми, праша Селмани, зошто не и и за горливиот проблем со загадувањето?

„Од тој аспект, ние сме спремни да се вклучиме, не само со бизнис бенефит. Мораме да размислуваме како да го решиме проблемот и со технологијата да го убрзаме процесот. Не само долгорочни мерки, туку и краткорочни. Пример, во Тетово, ако не се лажам, постои само една мерна станица. Колку е релевантен тој податок за Тетово? Може да се стават и сензори на автомобили што се движат и да имаме евиденција од терен, од различни гео-локации“, смета тој.

Јасмина Белчовска Тасевска, претставник на УНДП (Програма за развој на Обединетите Нации), нагласи дека повеќе години работат и поттикнуваат иновации. Соработуваат со невладиниот, приватниот сектор и со индивидуалци. Веќе 15 години УНДП заедно со МЖСПП ги подготвува извештаите кон Конвенцијата на ОН за климатски промени. Меѓутоа, вели таа, подолг период се соочуваат со недостаток на податоци.

„Кога требаше да се подготвува сегашниот, втор двегодишен извештај, немавме податоци кои ќе ја обработат темата за греењето и локалните загадувачи. Пет-шест мерни станици во Скопје не се доволни за планирање за локални акции. Сакавме да инсталираме сензори на автобусите, за да измериме какво е загадувањето на локално ниво, меѓутоа се соочивме со предизвици и не успеавме да ја реализираме идејата. И тогаш повторно добивме понуда од приватна компанија. На тој начин, направивме истражување како се греат домаќинствата во цела Скопска котлина, во рекордно краток рок од три недели, од 5.044 домаќинства. Резултатите ќе бидат објавени веднаш по локалните избори“, потенцираше Белчовска Тасевска, споменувајќи го и „Скопје Лаб“ каде работат на загадувањето и одложувањето на комуналниот отпад во домаќинствата.

Сите граѓани имаат одреден начин на однесување кое, вели таа, „не треба никој да го казнува за да се корегираме“.

„Се подразбира дека не се паркира на тротоар. Треба да дојде полицаец да ни го укаже тоа? Да не зборувам за зелени површини… Нашето однесување е наше однесување. Сакам да се споредуваме со други земји и да имаме визии и идеали, меѓутоа мораме да знаеме што имаме на терен. Кој сме ние, пред се’, како работиме и што правиме“, нагласува таа.

Според Белчовска Тасевска, сите вклучени треба да престанат да оперираат со претпоставки и шпекулации за загадувањето. Туку со анализирани и конкретни бројки, пополека впуштање кон сите аспекти и адресирање на проблемите. Да се разбере зошто малите фирми се греат на се’ и сешто. Како се одвива сообраќајот. Кои се најголеми загадувачи во секое маало.

„Зошто населбата 11 Октомври не е на централно греење, а е во Центар? Не ни е јасно зошто одредени работи се случуваат. Мерките не мора да бидат генерални. Голема фрустрација предизвика минатогодишното оперирање со пар-непар. Добро е што не го воведоа. Како знаеме дека таа мерка ќе го решеше загадувањето? Во Лисиче!? Во извештајот што ќе го објавиме, дијаграмите за тоа колку домаќинствата таму придонесуваат за загадувањето во однос на возилата се неспоредливи. На крајот, загадувањето не се решава со проекти. Мислам дека се претворивме во проектизирана држава“, вели таа.

Бојан Шашевски