Викиликс планира да објави „значајни“ документи за изборите во Америка

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж вети дека ќе објави документи поврзани со американската претседателска кампања пред одржувањето на изборите на 8 ноември.

Асанж, кој ја предводи платформата со „протечени“ документи, рече дека дел од престојните информации што ќе ги објави се „значајни за американските избори“, но одби да каже повеќе детали. Во јули, Викиликс објави мејлови меѓу официјални лица на Демократскиот национален комитет, веднаш откако од нивна страна беше номинирана Хилари Клинтон како демократски кандидат за претседател.

Преку видеопренос, Асанж зборуваше од Екваторската амбасада во Лондон како еден од говорниците на конференција за медиуми во Берлин, одбележувајќи 10 години постоење на неговата веб-страница.

Тој рече дека Викиликс планира да објавува документи секоја седмица во наредните два и пол месеци. Документите, рече тој, ќе бидат поврзани со изборите во Америка, Гугл, војна, оружје и нафта. Првата објава, како што најави Асанж, ќе биде овој викенд.