[Видео] Средношколци натерани на бојкот, додека надвор ги чекале новинари за сликање

Средношколците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во 15 часот денес добиле наредба да излезат надвор од училиштето, со цел да се види група на насобрани ученици и таа да биде фотографирана од новинарска екипа, сведочи еден од учениците за РадиоМОФ.

Тој се сомнева дека не е случајно што баш во моментот кога од професорите им било кажано да излезат во училишниот двор, таму ги чекала новинарска екипа.

„Децата излегоа и никој не знаеше зошто. Им се обративме на новинарите – дали смеат да снимаат, додека тие ме прашаа – па, нели протестирате за двојазичност, нели сте спонтано излезени на протест? Како спонтано, кога ни кажаа професорите да излеземе надвор“, ни вели средношколецот кој сакаше да остане анонимен.

До нашата реадакција достави и видео, кое успеале да направат од разговорот со новинарите.

Тој додава дека неколку средношколци се собрале и дале изјава додека во позадина се гледале учениците кои излегле од училниците. Дополнително, за оваа прилика во позадина било извадено и знаме.

„Даваа изјава за – кажете „НЕ“ на албанскиот, но успеав да забележам дека оној кој ја даваше изјавата претходно се јави негде и праша – што да кажеме“, вели нашиот соговорник.

Тој напоменува дека ова денес се случувало меѓу втор и трет час, во втората смена кога на училиште одат 1-ва и 2-ра година. Тврди дека и претходниот ден имало повици за протест.

„Вчера по училниците носеа соопштенија со цитати од Крсте Петков Мисирков, од Кирил Пејчиновиќ од разни писатели, со порака дека треба да си го зачуваме јазикот и да не дозволуваме двојазичност во државата, да не си ја продаваме државата“.

//