[Видео] Што е Средношколски пленум?

Средношколскиот пленум на својата Фејсбук страница објави кратко видео во кое се објаснува која е целта на пленумот и кои се барањата на средношколците. Тие преку неколку маршеви во повеќе градови побараа законот за екстерно тестирање да се стави во мирување и да се врати стариот концепт на државна матура.

Исто така, Пленумци посочија дека на нивното барање да добијат транскрипт од дијалогот помеѓу тогаш неактивната Унија на средношколци и Министерството за образование и наука, се уште нема одговор.

Во својата кратка презентација пак, насловена „Еволуција на свеста“, Пленумот претстави како се одвиваа настаните за време на нивната досегашна борба против лошите реформи во образованието.

Во меѓувреме, Пленумот објави и интерактивна мапа на која се прикажуваат средните училишта во повеќе градови каде се бојкотира наставата. Досега, според мапата, во бојкотот се вклучени вкупно 24 средни училишта, односно повеќе од 18 000 средношколци. Нејзе може да ја ажурира секој ученик, со тоа што ќе ја најде својата општина и средното училиште.

Средношколците се уште очекуваат да се одржи ветената средба со претставници од Министерството за образование и наука. Дотогаш, продолжуваат да ја бојкотираат наставата.