Видео игрите можеби ќе бидат официјален спорт на Олимпијадата во 2024

Олимписките игри во 2024, кои ќе се одржуваат во Париз, веројатно за прв пат ќе ги вклучат и електронските спортови.

Според Асошиејтед прес, ко-претседателот на Комитетот за Олимпијадата во Париз, Тони Естанге, изјавил дека ќе одржи говори со претставници на е-спортовите, за можноста да ги вклучат видео игрите како официјален спорт во 2024.

Естанге верува дека видео игрите кои ја тестираат дигиталната способност треба да се сметаат за легитимен спорт, доколку Олимпијадата сака да остане релевантна за постоечките и идните фанови на е-спортовите.

„Мораме да ја разгледаме можноста. Не можеме да кажеме, „Тоа не сме ние. Не е за Олимпијадата, иако младината е заинтересирана за електронски спортови и за нив е голема работа. Ајде да разговараме, да ги запознаеме. Да се обидеме да најдеме некаков мост. Не сакам само да кажам „не“ од самиот почеток. Мислам дека ќе биде интересна интеракцијата со Интернационалниот Олимписки Комитет, е-спорт семејството, за подобро да го разбереме овој процес и зошто е успех“, вели тој.

Веќе е најавено и дека Азиските игри во 2022 ќе ги сметаат видео игрите за олимписки спорт. Сепак, сè уште не се најавени игрите во кои ќе се натпреваруваат гејмери од Азија. ИОК ќе разговра со Близард, Рајот, Валв, како и другите компании-производители на игри, за да дискутираат кои игри треба да влезат во официјалното натпреварување.