[Видео] Акција кај СЈО: Уште девет дена од ултиматумот на Шарена револуција

Со герила акција пред Специјалното јавно обвинителство, активистите денеска потсетија дека остануваат уште девет дена до истекување на ултиматумот за исполнување на барањата на Шарената револуција. Тие испишаа и 18 јуни, за да потсетат дека тоа е денот кога Уставен суд треба да даде мислење за уставноста на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи тоа е едно од барањата на револуцијата.

„Време е за нов крик, време е да ги потсетиме дека до 18 јуни Уставниот суд мора да се произнесе за уставноста на СЈО за да сме сигурни дека правдата ќе биде заштитена. Повторно ќе бидеме на улица, повторно ќе протестираме, да им кажеме дека одбројуваме до 18 јуни, да им кажеме дека мора да бидат ослободени сите приведени демонстранти и да бидат повлечени сите пријави од МВР кон нашите соброки и соборци“, потсетија учесниците во Шарената револуција и Протестирам.

Акцијата беше изведена во текот на денешниот ден, а веќе за утре, активностите продолжуваат со јаваениот протест во 18 часот пред СЈО.

Вечерва пак протестираат жители во Струмица, Куманово, Гостивар, Ресен, Свети Николе и Битола.