Вела Точкаровска, кандидатка за градоначалничка: Ќе го направам Скопје велосипедски град во еден мандат

Гужвите може да се решат со слободни, удобни и проточни велосипедски патеки насекаде, место со проширување за нови ленти за автомобили на сметка на зеленилото.  Потребата од нови места за паркирање автомобили може да се реши со намалување на зависноста од автомобилот и обезбедување јавен превоз кој е побрз од автомобилот. Јавен превоз на кој може да се потпреш и со задоволство да го користиш, за кој ќе има специјални ленти… Не може да очекуваме квалитетот на живот драстично да се смени кон подобро, ако политиките го одржуваат про-автомобилското статус кво, вели кандидатката за градоначалничка на Скопје, Вела Точкаровска.

Во разговор со Радио МОФ, Точкаровска зборува за својата визија и изборната програма. Потенцира дека Скопје не може да стане Виена или Копенхаген ако продолжиме по старо со паркирање по тротоари и кејови, со т.н. „реконструкција“ на улици која го реконструира само коловозот, а не и тротоарот. Притоа, со автобуски ленти кои се автомобилски ленти, со семафори така програмирани што го демотивираат пешачењето…

Вела Точкаровска

„Мора да има поместување во политиките, приоритетите, распределбата на буџетот за да има поместување и во тоа како градот дише, пулсира, живее! Се залагам за похрабри политики, за секогаш одење чекор понапред! Ќе го направиме Скопје зелена метропола, место во кое ќе се живее здраво и хармонично, место на кое ќе се гордееме и ќе се радуваме! Со популистички и очекувани чекори според досегашните навики тоа не може да се направи, може да се направи само со храброст и долгорочна визија“, смета Точкаровска.

Познато е дека скопјани секоја зима репризно набавуваат гас-маски додека градот руши рекорди во загаденост. Сепак, еколошкиот транспорт не се качува скала погоре кон врвот на приоритетите, иако велосипедизмот долгорочно заштедува на патишта, паркинзи и јавен транспорт. Нуди економски придобивки со развивање вело-туризам, продажба на велосипеди, нивни делови, сервис. Немоторизираниот транспорт не генерира бучава, гасови, а искуствата покажуваат и пострашни последици од автомобилски отколку од велосипедски несреќи. Повеќе велосипедисти значат и помалку возила, помалку метеж и, генерално, помалку сообраќајки, кои на годишно ниво носат во просек по 160 загинати. Една третина се во Скопје.

„Нула жртви во сообраќајот е визија која треба сите да ја споделуваме за нашиот град. Во Скопје во сообраќај се гине како на бојно поле. Тоа мора да престане! За тоа да се случи институциите мора да преземат одговорност“, вели Точкаровска.

Кандидатката дава пример од Понтеведра, градче во Шпанија. Таму градоначалникот само по еден месец откако стапил на функција целосно го претворил центарот во пешачка зона. Резултатите следеле – намалeн автомобилски сообраќај во центарот за 97 %, во областите блиски до центарот за 77 %, во градот како целина – за 53 %.

„Замислите 53 % помалку загадување. Дополнително, во овој град немало сообраќаен судир со фатален исход од 2011-та година! Нула жртви! Денес граѓаните на Понтеведра се презадоволни од промените. Го избираат Лорес по 5-ти пат за нивен градоначалник“, потенцира кандидатката за Скопје.

Од друга страна, вели таа, во македонскиот главен град ни кратките пешачки улици во центар не издржуваат, па станаа паркинзи, а новите катни гаражи место да се надвор од центарот и да ги одвлекуваат возилата од него, тие ги привлекуваат во самиот центар.

Симболичен приказ – што би се случило ако велосипедистите би им го попречувале движењето на колите, паркирани на коловозна лента

„Доаѓа зима и ново големо загадување, доколку немаме на позиции храбри луѓе со визија како мене, Вела Точкаровска и господинот Лорес, секоја зима ќе се занимаваме со постирање на бројки и рекорди во загаденост. До кога ќе ни биде во Скопје ширината на булеварите и брзината на автомобилите поважна од животот на луѓето?“, прашува Точкаровска.

Велосипедистите досега на повеќе пати потенцираа дека Скопје во 80 отсто е рамен град, има солидна клима и просечна температура од  13,5 Целзиусови степени. Распространет е на 1.818 квадратни километри, долг е 20-ина километри, со шаховска поставеност на булевари и мали сообраќајни артерии. Но, сиве предуслови досега не даваат опипливи резултати, па да прерасне во функционален вело-град. Џабе се проширени улици ако велосипедистите се маргинализирани, без организирана патна мрежа. Патеките секојдневно се узурпирани. Велосипедистите ги „пречекуваат“ дупки, пукнатини, знаци, автобуски станици, корпи за отпадоци, неискастрени гранки, возила чии сопственици се „враќаат за пет минути“… Листата е долга.

Протест на велосипедисти кај Градски парк

Дополнително, Скопје функционира како еден огромен паркинг што се шири, го „јаде“ и окупира слободниот јавен простор. Се проценува дека градот примарно е проектиран за 250-300.000 луѓе, а сега има околу 600-700.000 жители со свои потреби за движење и транспорт. По донесувањето на мерките за увоз на половни автомобили во 2010 година, пристигнаа 50.000, а во 2009 само 3.000 стари возила.

Точкаровска смета дека со зголемувањето на урбанизацијата, градот има потреба од современи и одржливи решенија за мобилност. Токму движењето НаТочак во развиените земји покажува позитивни резултати.

„Инвестирање во велосипедска инфраструктура е интелигентен потег. Истражувањата ги покажуваат социјалните, економските, еколошките и здравствените добивки од превозот НаТочак. Студиите од Данска кажуваат дека за секој километар НаТочак, општеството ужива нето добивка од 23 центи, додека за секој километар управуван од автомобил нето загуба од 16 центи. Ваков тип статистика во Македонија не постои“, вели Точкаровска.

Проектот „Изнајми велосипед“ овозможува изнајмување велодипеди за 10 денари на час преку пунктовите на ЈП „Градски паркинг“. Проблемот е што досега тешко некој да отиде и да најде точак во здрава, возна состојба. Неразумни граѓани велосипедите ги враќаа испокршени, без делови, а претпријатието не најде соодветен механизам да може да санкционира и, од друга страна, да го одржува во живот „Изнајми велосипед“ без загуби.

„Ветувам дека во соработка со заинтересирани страни кои имаат интерес да го стопанисуваат системот, ќе создадам систем за изнајмување велосипеди. Автоматизиран, квалитетен, со препознатливо име и распространет. РентБајк систем кој ќе има станици на сите позначајни точки во градот, по пристапна цена, расположливост на исправни велосипеди 24/7, без сезонски карактер бидејќи велосипедот како превозно средство не разликува зима или лето, автоматизирана и кориснички блиска услуга“, вели таа.

За велосипедистите најдолгата патека покрај Вардар е солидна, но е прилично неповрзана со постоечките транспортни текови. Служи единствено како рекреација, плус со години е испрекината и од градежни милионски зафати за „Скопје 2014“. Реакции досега имаше и околу доцнењето за проектот „Скопје велоград 2017“, со кој градските власти до годинава требаше да завршат четири вело-рути. Исто така, велосипедистите забележуваа дека Скопје досега сме немало вистински Ден без автомобили, кога повеќе големи улици би се затвориле за моторен сообраќај во текот на денот.

„Досегашните едночасовни диригирани паради не се сметаат за Ден без автомобили. Затоа, јас, како кандидат за градоначалник на Вело Скопје, ветувам во својата програма дека ќе воведам Ден без автомобили, еднаш месечно, реален, наместо нашминкан и само декларативен. Барам Ваша поддршка драги точакољупци. ВелоГрад во еден мандат!“, потенцира Точкаровска.

Бојан Шашевски 

—–

*Напомена од тимот на Радио МОФ:
Вела Точкаровска е измислен лик. Нејзината градоначалничка „кампања“ ја водат вело-активисти преку социјалните мрежи, од каде беа собирани нејзини ставови вклучени во текстов. Ликот на Точкаровска е манифестација на реални проблеми со кои секојдневно се соочува секој велосипедист во Скопје.
#НаТочак