Угриновска: Екстерното тестирање ќе ги заштити и наставниците и учениците

Угриновска: Екстерното тестирање ќе ги заштити и наставниците и ученицитеСо екстерното тестирање се заштитени и наставниците и учениците – наставниците поради поплаките дека трпат притисоци и уцени од родителите за да поправат оценка, а учениците зашто на овој начин се оценуваат според еднакви и конкретни критериуми, смета Емилија Угриновска, претседател на работната група за електронско екстерно тестирање, пренесува МИА.

„ Идејата за овој вид тестирање е прво за да провериме каква е објективноста во оценувањето на наставниците, за подобрување на кавлитетот воопшто – и во наставата и во оценувањето и, пред се, поради бројните поплаки од самите наставници кои тврдеа дека се изложувани на притисоци и уцени од родители за да се поправат оценки. Вака ќе бидат на еден начин заштитени од сето тоа“, изјави Угриновска.

Таа посочува дека не треба да постои страв и отпор бидејќи тестот го содржи материјалот кој учениците го учеле во текот на годината. Оценката која ќе ја добијат ќе стои во свидетелството и ќе влегува во општиот просек на ученикот, но ќе стои и оценката што по тој предмет ученикот ја добил од наставникот.

Угриновска нагласи и дека оценката од екстерното малку ќе влијае на вкупниот успех.

„Ние не ја бришеме оценката на наставникот. Ние апсолутно не ја анулираме неа. Таа си останува во свидетелството. Дополнително уште две оценки се додаваат на сите тие од предметите што ги учел и доколку не отстапуваат, влијанието е минимално. Тоа се само две од 14 или од 15 оценки и се делат на вкупниот број оценки во свидетелството. Многу малку ќе влијае реално“, изјави Угриновска.

Екстерното оценување беше на нож дочекано од учениците, а голем број од нив излегоа на протести низ земјава кои кулминираа вчера во Скопје. Тие побараа укинување на ова тестирање бидејќи сметаат дека може да се добијат нереални резултати.