Ученици во крушевско Норово немаат греење, директорката и градоначалникот велат денес ќе се реши проблемот

Неколку ученици во крушевското село Норово денеска не можеа да следат настава бидејќи нема греење. Ова училиште, во кое учат приближно 200 ученици, во зимскиот период се затоплува со помош на ќумбе, но како што реагираа родители до редакцијата на Радио МОФ, овој проблем трае веќе две недели, а надлежните не го решаваат. Според нив, учениците ќе ја бојкотираат наставата се додека не се создадат елементарни услови.

„Срам да му е на градоначалникот и на директорката, кои се уште одат во селото и држат предизборна кампања, а го запуштија училиштето во Норово“, вели родител на ученик од ова училиште.

Радио МОФ ги побара директорката Сузана Божиноска и градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчевски. И двајцата велат дека проблемот денес треба да се реши, а дека бојкот нема, односно станувало збор за шпекулации.

„Се работи за една училница каде што досегашниот пампур (ќумбе), имаше проблем, тој беше постар и го отстранивме. Денес треба да се донесе нов пампур, но само тие ученици беа ослободени со мое знаење од наставниците. Овие часови тие ќе ги надокнадат некако понатаму“, рече Божиноска.

„Мислам дека нема потреба тоа да се шири преку медиуми, сметам дека нема толкав проблем за таква реакција“, додаде таа.

Градоначалникот, пак, вели дека не е целосно запознаен за тоа дали има бојкот, но според него не би требало да има, бидејќи проблемот уште денес ќе се решел.

„Училиштето е целосно реновирано, сменета е програмата, реновирани се санитарните чворови, а денес треба да се однесе и ново ќумбе“, рече тој, додавајќи дека реакциите започнале откако во училиштето бил вработен нов наставник.

Но, ова не е првпат родители на деца кои учат овде да најавуваат бојкот. Пред два месеци, тие негодуваа околу лошите услови во училиштето, велејќи дека нема компјутери, дека клупите се стари, а на двете смени имало само еден службеник.

Родителите и учениците во крушевско Норово ќе протестираат поради лошите услови во училиштето