[Фото]Трет БегеВеге фестивал посветен на веганската култура на живеење

Во одлични временски услови, викендов на платото пред трговскиот центар „Ушче“ во Белград се одржа третиот БегеВеге фестивал, посветен на веганската култура на живеење.

Организатор на овој настан како и секоја година е здружението за заштита и права на животните „Слобода за животните“, кое веќе неколку години е активно во Србија, промовирајќи го веганството како култура на живеење, чија основа е принципот на ненасилство и етички однос кон животните низ различни аспекти на секојдневното човеково живеење.


Оваа година фестивалот не беше од продажен карактер, туку се фокусираше на едукација и промоција на веганството. Настанот беше од отворен тип за сите посетители и нудеше дводневна програма со различни активности, како мноштво предавања и практични совети на тема веганска исхрана и козметика, работилници за веганска гастрономија, вегански спортски нутриционизам, проекции на едукативни документарци, како и музички настапи.

На бројните шарени штандови беа изложени различни промотивни брошури за веганство, беџеви, маици и торби за пазарење со интересни пораки, а активистите одговараа на прашања и споделуваа искуства и совети поврзани со веганската култура на живеење.

Најатрактивни за минувачите беа штандовите со храна, кајшто учесниците-производители на веганска храна несебично делеа примероци за дегустација, промовирајќи ги своите вкусни продукти. Меѓу најзначајните производители на веганска храна кои се претставија овде беа „БегеВеге“ од Белград и „Здружението за развој на мирољубиво полјоделство“ од Сомбор.

На посетителите им беше овозможено и користење на iAnimal – алатка за прикажување на виртуелна реалност од гледна точка на фармските животни.

Паралелно со штандовите со храна и предавањата, на БегеВеге се одвиваше и акција за вдомување мачиња. Па така, интересно беше што околу 10 крзнени пријателчиња спасени од улица си го најдоа својот дом. Децата кои исто така беа гости на фестивалот, највеќе уживаа во интеракција со животните.

Се чини дека веганството во Белград е во подем, а за тоа, освен луѓето, сведочеа и бројните сликовити графити „Биди Веган“ кои го разубавуваат скоро секој дел од градот.

За Радио МОФ од Белград, Ива Апостолска