Трамп ги додели наградите за „лажно известување“, CNN доби дури четири

Американскиот претседател Доналд Трамп ги додели наградите за лажни вести. Тој „награди“ десетина медиуми кои според него, известувале пристрасно, нефер или лажно за неговата работа во минатата година.

Првата „награда“ ја доби колумнистот на весникот „Њујорк тајмс“, нобеловецот Пол Кругман, за неговото предвидување дека економијата ќе претрпи такви удари од претседателството на Трамп што нема никогаш да закрепне.

Втората награда отиде кај телевизијата Еј-Би-Си, која го казни својот водечки новинар Брајан Рос откако тој објави неточна информација за наводни врски меѓу Трамп и Русија која предизвика страв од отповикување на Трамп и краткотраен пад на американските берзи. „Њујорк тајмс“ доби уште една од „наградите“, за сторија во која весникот тврдеше дека администрацијата на Трамп сокрила извештај за климатските промени.

Најмногу, дури четири од „наградите за лажни вести“, отидоа кај телевизијата Си-Ен-Ен. Трамп посочи дека Си-Ен-Ен мораше да отпушти три истражувачки новинари за неточна вест за Русија, неточно го обвини Трамп дека го прекршил протоколот при посетата на Јапонија, дека ја отстранил статуата на афроамериканскиот водач Мартин Лутер Кинг од Овалната соба и лажно најави сериозни критики против Трамп од страна на разрешениот директор на ФБИ Џејмс Коми.

Сепак, прогласувањето на добитниците не помина во најдобар ред за Трамп. Повеќе од еден час по објавувањето на наградите на Трамп, сајтот се уште беше бавен, или пак недостапен.

Трамп во својот твит, со кој ги прогласи „добитниците“, линкуваше објава која водеше до страницата на Републиканската партија, која пак, не можеше да се справи со огромниот сообраќај и веднаш „падна“.

„Веб-страницата привремено е офлајн, работиме за да ја вратиме назад. Ве молиме обидете се подоцна”, стоеше во пораката на веб-страницата.