Студентски пленум: Слобода за сите приведени студенти

Ослободување на сите приведени студенти по протестот од 5 мај и овозможување да се бранат од слобода, побараа денеска од Студентскиот пленум поради тоа што сметаат дека мерката притвор е прекумерна, неоснована и непотребна.

„Повеќепати сме покажале дека вредностите и политиката на „Студентски пленум“ се протестирање и искажување на незадоволството на мирен начин, без никакво насилно однесување кон полициски службеници или кој било друг. Сметаме дека на 5 мај протестот се одвиваше мирно сè до тој момент кога се инфилтрираа провокатори, кои го претворија протестот од мирен во насилен. Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се случи упад на полициски службеници и беше искористена непотребна прекумерна сила врз наши колеги студенти“, изјавија од пленумот.

Судот денеска им изрече осум условни казни на дел од демонстрантите кои беа притворени по антивладините протести од 5 мај, додека еден од демонстрантите, вујкото на убиениот Мартин Нешковски, е осуден на 10 месеци затвор, бидејќи претходно е осудуван за слично дело.

Според адвокатот на обвинетите, Мирослав Вуиќ, вујкото на Нешковски, Горан Митановски ја признал вината само за да не ја попречува постапката и притворените студенти да излезат на слобода.

„Ние денеска да ги оспорувавме доказите коишто се оспорливи, да баравме докажување на некои работи, немаше да го завршиме за еден ден и немаше овие млади луѓе да се спасат од мерката притвор. Знаете дека мерката притвор е најригорозна мерка и на овие млади луѓе местото самите видовте дека не им беше таму. Меѓутоа за да го скратиме сето тоа, под принуда некогаш се признаваат некои работи што можеби не требаше, или требаше да се признаваат во друга постапка или да се докажуваат во друга постапка. Очигледно е дека постои сега простор каде што ќе мораме да го ревидираме законот за кривична постапка којшто е во примена и вакви некои околности, и инструментите на јавното обвинителство, сепак да се скратат малку.

Со оглед дека заврши се, со оглед дека ги имаме видено доказите, јас лично, значи не би можел во негово име да зборувам, не би било коректно тоа, јас како адвокат и од оној впечаток што го имам мислам дека тој ја призна вината само за да не ја попречува постапката, само оваа постапка да се заврши заради други деца. Таква доблест е навистина.. Тоа е семејство што изгубило два члена, коишто биле директно од страна на полицијата дента нападнати таму и ова што тој го прави сега мислам е навистина, јас сум малку и емотивен во тој дел, меѓутоа тоа е мое лично мислење, не сакам во негово име да зборувам“, изјави Вуиќ.

Вчера Скопскиот Основен суд им го продолжи притворот за уште 30 дена на други четворица учесници во протестите од 5 мај пред Влада. Останатите групи демонстранти кои беа приведени по протестите на 5 мај, ќе бидат изнесени пред судот на 2 и 3 јуни.