Студентите по медицина бараат оставка од министерот Тодоров

Студентскиот пленум на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевтскиот Факултет побара морална одговорност и оставка од министерот за здравство Никола Тордоров по вчерашниот настан кога хирург беше застрелан во Клиникиот центар во Скопје.

„Поминаа 24 часа од грозоморниот напад со огнено оружје врз лекар, наш асистент. Чин кој за жал е кулминација во една долга низа физички напади врз лекари. Луѓе кои своите животи ги посветуваат на хуманост и алтруизам.

Без разлика дали лекарот бил виновен за нешто, односно направил некаква лекарска грешка (нешто кое треба и може да го провери само стручна комисија од Судска медицина) ваквиот начин на пресметување и пресудување не смее и не може да биде оправдан или пак да стане секојдневие.

Ние, студентите по медицина, стоматологија и фармација, најостро го осудуваме овој напад врз член на здравствената фела. Исто така, мора да имаме в предвид дека доколку продолжат вакви настани, во иднина може да биде загрозен животот на некој студент.

Индиректен виновник за овој настан и други многу слични, и личност од која бараме морална одговорност, која мора да се сноси е Министерот за здравство, Никола Тодоров.

Ова не е изолиран случај. Црната кампања за демонизирање на медицинска фела трае веќе долги години. Беше тоа ѕидот на срамот, казнувањата, па дури и политичките апсења на лекари. Угледот на професијата е комплетно руиниран и девалвиран. Болниците функционираат со скратени фондови, лекарите се некогаш без основните материјали за работа и/или работат во простории несоодветни за дејноста, безбедноста во здравствените установи е на ниско ниво.

Министерот е веќе четврта година на функција, а здравството е донесено на колена. Како тоа чувствувате Вие морална одговорност за секоја несреќа во болниците, а не сакате да си поднесете оставка? Како можете да си дозволите на себеси да си играте со човечките животи на пациентите, на лекарите и целиот медицински персонал?

Поради овие причини, а и многу други, интерниот пленум ја дава безрезервната поддршка на лекарите, на нашите професори, асистенти и ментори. Бараме министерот да сноси одговорност и да си поднесе оставка. Потребно е министерството да биде водено од човек кој би ја разбирал потребата од дијалог со студентите, специјализантите, лекарите и професорите и решавање на нивните проблеми. Бараме здравствен систем кој ќе функционира и ќе не’ предомисли од нашите планови по дипломирањето да бараме работа во странство. Систем каде нема да биде погазено нашето достоинство и ќе биде вреднуван нашиот труд и знаење“, се вели во реакцијата на Студентскиот пленум на Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевтскиот Факултет.