Студенти од домот „Кузман Јосифовски – Питу“ се жалат на проблеми со парното

Половина од студентите во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ денеска го почнаа денот без парно. Радио МОФ денеска го посети студентскиот дом, за да провери дали се точни тврдењата на студентите дека во машкиот дел од домот нема парно. Поради тоа што лифтот не работеше, пешки се качивме на сите седум спратови. Радијаторите беа ладни, а дел од станарите од машкиот дел од домот седеа со вклучени греалки.

Студентите од овој студентски дом се жалат дека веќе еден месец имаат проблеми со парното греење. На моменти е слабо велат, а некои денови и воошто го нема.

„Кога беше најладно деновите немаше скроз парно, да речеме 5-6 дена, другите денови имаше млако и тоа го имаше само во една смена, а треба две смени парно да има (наутро и попладне), a вечер секако нема“, се жали студент од машкиот дел од студентскиот дом.

Тие велат дека за да можат да учат, си носат греалки дури и во читалната.

„Има многу малку, речиси и да не се чувствува. За да се згрееме користиме греалки, но кога повеќе соби ги користат истовремено, се случува поради слабата инсталација да снема струја“, вели студентка која престојува во машкиот дел од домот.

Радио МОФ попладнето го контактираше Државниот студентски центар. Оттаму прво тврдеа дека информацијата не е точна, но откако им соопштивме дека веќе сме го посетиле студентскиот дом, рекоа дека ќе испратат одговор најдоцна до утре. До објавувањето на текстот не добивме одговор.

За студените радијатори во овој студентски дом минатиот месец алармираше и Студентски пленум, кој ги повика сите релевантни институции веднаш да се зафатат со решавање на овој проблем. Тогаш од Државниот студентски центар демантираа дека постои ваков проблем.

Студентите имаа проблеми со парно греење уште на почетокот на грејната сезона. Иако таа официјално започна на 15 октомври, студентските домови, меѓу кои и „Кузман Јосифовски-Питу“ добија греење две недели подоцна, откако студентите мрзнеа на температури под нулата.

Е.П.