Студентите мрзнат, сè уште нема парно во студентските домови

Со студ и без парно, студентите во студентските домови ги дочекаа првите ниски температури годинава. Иако грејната сезона официјално почна од 15-ти октомври, во повеќето студентски домови воопшто нема парно.

Студентските домови без парно на ниски температури

Радио МОФ разговараше со студенти сместени во скопските домови. Марија е студентка од „Гоце Делчев“. Таа вели дека до денеска, парно не им било пуштено. За да се загреат, се принудени да ги кршат правилниците кои забрануваат користење греалки на струја, и да користат алтернативни методи.

„Успеваме некако со греалки да се грееме, ама не е доволно. Лани имаше конвектори во читалните, годинава и нив ги нема. Ептен е ладно“, вели таа.

Сликата не е поинаква и во студентскиот дом „Стив Наумов“. Комплексот составен од двете машки и една женска зграда, а сега и во новите бараки кои годинава беа пуштени во употреба, нема парно.

„Како може да ми биде? Моментално на себе носам два џемпери и навечер се покривам со две ќебиња. Да не зборуваме за тоа дека прозорецот не може целосно да се затвори“, вели студентка од женската зграда од „Стив Наумов“.

Парно греење, потврдуваат станарите за Радио МОФ нема ниту во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“. Нешто подобро е во студентскиот дом „Пелагонија“, но само во женскиот дел.

„Па, кај нас бидејќи сме во женскиот дел е подобро, има парно, но е слабо. Навечер многу дува од прозорците, а во машките згради е многу поладно. Греалиците се решение се’ додека не бидеме фатени бидејќи не е дозволено“, изјави за Радио МОФ, студентка од домот.

На прашањето зошто сè уште нема парно греење и кога ќе биде пуштено, одговор побаравме од Државниот студентски центар. Оттаму ни одговорија дека директорката Даниела Темелкова е на состанок и дека ќе нè побараат подоцна. До објавувањето на текстот, не добивме  никаков одговор.  Од Министерството за образование и наука пак најавија одговор за утрешниот ден.

За вечерва се најавуваат температури под нулата. Студентите од студентските домови во Скопје се чини ќе треба да преспијат без парно и оваа ноќ.

Е.П.