[Став] За време на немирите во Фергусон, моето училиште стана прибежиште за учениците

Кога започнаа протестите во Фергусон, моето привремено училиште им обезбеди на учениците безбедно место за учење, се потсетува професорката Кери Пејс. За блогот на Гардијан, посветен на учителите кои инспирираат, таа раскажува како нејзината импровизирана училница во локалната библиотека се претворила во мирно прибежиште за време на насилните протести во Мисури.

[Став] За време на немирите во Фергусон, моето училиште беше прибежиште за учениците

После убиството на Афро-американецот Мајкл Браун од страна на двајца бели полицајци, што се случи пред два месеци, малото и вообичаено мирно гратче Фергусон во Мисури се претвори во епицентар на насилство и протести. Инцидентите се проширија низ целата земја, заземајќи размери на граѓански бунт. Во периодот од две недели во август, додека протестите не стивнаа, училиштата во областа околу Фергусон беа затворени.

Сепак, Кери Пејс, која предава уметност во Walnut Grove основното училиште во Фергусон, решила дека протестите нема да влијаат на образованието на нејзините ученици и одлучила да направи импровизирано, привремено училиште во локална библиотека. Откако на социјалните мрежи се проширила веста за нејзината кампања, не требало да помине многу време за целата заедница да се соедини во мисијата да се помогне и да продолжи редовното одење на училиште на нивните деца.

„Училиштата се затворија во Фергусон за децата да бидат безбедни, но јас само сакав да им понудам едукација. Училиштето требаше да почне во четврток, но кога протестите за убиството на Мајкл Браун станаа насилни, доцна во средата навечер добивме повик дека ќе почекаме нештата да се смират следните два дена. Само сакаа сите да бидат безбедни. Беше ужасно, бидејќи бевме тажни за децата и сите сакавме да се вратат на училиште. Преку викендот инцидентите продолжија, и ни јавија дека нема да почнеме ни во понеделник. Не знам што ме натера да одам до библиотеката на мојата улица, но појдов кај директорот плачејќи и објаснувајќи дека немаме каде да одиме. Го замолив да ни дозволи да ја користиме библиотеката и да им овозможиме на децата да продолжат со наставата. Тој само рече, „Апсолутно“.

Стоев на улица држејќи знаци на кои пишува „Професорите се за да предаваат. Донесете ги вашите ученици овде“. Направивме памфлети и пратив мејл на неколку родители од училиштето. Работевме на најразлични активности со учениците кои се појавија, и исконтактиравме неколку локални весници со надеж дека ќе напишат нешто за тоа што го правиме, и дека можеби тоа ќе охрабри повеќе луѓе да ни се придружат. Мојот интерес беше само да разберат што повеќе родители. Постирав на Фејсбук дека планирам да бидам во библиотеката секој ден, и родителите можат да ги донесат своите деца.

Започнавме во понеделник со десетина ученици. До петок бројот порасна до 200. Имаше толку голем интерес што морав да се јавам во црквата во близина и да ги прашам дали може да ги користиме и нивните простории. Имавме еден куп професори кои волонтираа, од штотуку дипломирани па сé до пензионирани. Една од нив истапи напред, и кажа дека цела недела ќе делува како директор. И таа само ги следела знаците на улицата, и како и јас самата, барала начин да помогне. Немаше да успееме без неа. Училиштето го управуваа луѓе кои беа таму случајно, од Фергусон и од околните општини. Имавме организирано цела програма на активности: од магионичарски настапи до часови за глума и свирење на тапани. Луѓето само се соединија и доаѓаа кај нас. Дознаваа преку социјалните мрежи, преку пријатели или преку волонтерите. Во одреден момент толку многу луѓе се понудија да помогнат, што почнавме дури и да ги одбиваме.

Сакавме библиотеката да биде прибежиште, како за учениците, така и за возрасните. Не спомнувавме ништо за она што се случуваше на улиците за време на предавањата, иако децата знаеја зошто не се на училиште. Причината за протестите не се споменуваше, и мислам дека тоа беше добредојдена пауза од проблемите за сите, барем накратко.

Ризикувавме и вложивме верба во создавањето на безбеден простор за мала група од нашата заедница. Беше исцрпувачко, но и емоционално искуство. Протестите траеја, но и толку многу прекрасни нешта се случуваа во нашата библиотека. Беше добро чувството да знаеш дека можеш да пристапиш до малку луѓе, и тоа ќе се претвори во акција во која ќе помогнат стотици.

Сите родители го вреднуваат образованието на своите деца. Било која заедница би го сторила истото. Не бев изненадена кога видов дека има толку многу ученици или волонтери. Искрено мислам дека луѓето се добри и сакаат да прават добро.

Како бела професорка во училиште со претежно црни ученици, ретко се среќавам со расна тензија помеѓу учениците. Многу ретко се случува одредени семејства да имаат проблем едни со други, без разлика од која раса се, и сфаќам дека сé уште има проблеми. Но како професори, се трудиме да работиме на градењето на карактер кај децата и да препознаеме какви се другите луѓе, што вреди кај нив и кои вредности тие ги ценат. Децата се многу отворени, особено кога се помлади. Не се справуваме со расна нетрпеливост сé додека тие ученици не пораснат, не изградат свој став, или ако имаат лично искуство кое лошо влијаело на нив. Мора да потенцирам и дека сите сме индивидуи. Има многу прекрасни полицајци во Фергусон, кои го посетуваат училиштето и се обожавани од децата. Но тешко е кога има неколку лоши јаболка кои ја уништуваат репутацијата на другите.

Извор: Гардијан

Превод: С.Т.