[Став] Ова не се македонцките работи, ова е силување на сопствениот јазик

Вести во 19.00 часот, добра вечер…

Сигнификантен прогрес во сферата на евроинтеграциите. Потребно е имплементирање на круцијалните бенчмаркови до последниот дедлајн. Едитирањето на таргетните референци е од енормна сигнификација – за ова елаборира експертот по интернационални релации – неговиот фидбек ќе го чуеме веднаш по рекламите.

Колку убави реченици за да се започнат вести на македонски јазик. Кој разбра – разбра. Барем водителката на вестите е убава. Слушнале ли за лектор во медиумите? Што ќе им е? И онака сè си знаат! Следуваат реклами. А, во нив перфектна арома на кафе, бјути третмани, спа пакети за рилакс, резиденцијален комплекс, фул колор принтери и, замислете, ултимејт ол инклузив ски ризорт – а вие сè уште сте убедени дека гледате македонски канал.

Сево ова и многу повеќе ме натера да сфатам – со „ф“ – дека на Македонецот навистина му треба уште многу за да го домакедончиме. Сме се дрзнале да го силуваме сопствениот јазик.

Во државите во кои се води грижа за сопствениот јазик, сите текстови се собираат во еден голем таканаречен корпус на изворен јазичен материјал што служи за научни цели. Замислете го изворниот материјал што ќе се собере од кај нас од медиумите, од стенограмите од седниците, од универзитетската литература во која државно и национално ниво се две различни поделби.

Ваквиот јазик соседите може да го оспоруваат колку сакаат, каде сакаат и за какви било цели. Ова не е јазикот на кој ги научивме првите зборови, ова не е јазикот на кој бабите и дедовците ни ги раскажуваа животните мудрости, ова не е јазикот на првиот љубовен шепот.

Замислете дека сме како Хрватите и дека во духот на мајчиниот јазик ги преведуваме сите странски зборови или дека како нив размислуваме воведување казни за нивната употреба. Така буџетот ќе ни биде полн и не ќе има за што да се расправа.

Не беше толку одамна кога нè учеа дека без јазик си никој и ништо. Но, ние одлучивме да си увеземе зборови од преку океаните.

На Блажета коски му се превртуваат в гроб. Крсте Петков-Мисирков не мислел да си подадат рака Англија и Америка за да се сретнат во Македонија. Ова не се македонцките работи. Ова не е нашето национално обележје. Ова е силување на сопствениот јазик.

Сметаме дека навлегувањето на овие модерни зборови е општествено престижна јазична варијанта која нè отсликува како припадници на интелектуално висока класа. Да, но во некоја друга паралелна вселена. Во оваа преферирам – упс – претпочитам да не сум толку паметна.

Убедена сум дека гревот кон јазикот може да го искупиме. Секогаш присетете се дека јазикот е душата на еден народ. Јас се трудам да имам чиста душа, обидете се и вие, и наместо „океј“ речете ми „во ред“.

Стефанија Темелковска, студентка во петта година на студиите по односи со јавноста на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и победник на Ораторската вечер „Иво Пухан“ за 2014 година