[Став] Ловот треба да се забрани, а не да се поттикнува

Деновиве се актуелизираше темата за ловот како појава и на светско и на локално ниво. Скоро истовремено администрацијата на Трамп најави поништување на забраната за увоз на „трофеи“ од слонови од Замбија и Зимбабве и Владата на Република Македонија најави поедноставување на постапката за добивање на ловечка дозвола. Со ова повторно се прават чекори со кои се продолжува поддршката на страдањето и убиствата на автономни индивидуи кои живеат емоционално, социјално и когнитивно комплексни животи преку овој нехуман и заостанат начин на човечка забава. Повторно, по којзнае кој пат, човекот се става во улога да одлучува за правото на живот на другите животни преку лицемерни изговори за некакви конзерваторски напори за зачувување на видовите. Како може убиството на стотици илјади цицачи и милиони птици годишно да е обид за зачувување на видовите? На оние кои вистински се грижат за животните не им се потребни парчиња од лешеви за да ја финансираат конзервацијата на видовите.

Оние кои вистински се грижат сериозно ќе ги разгледаат сите штетни последици од ловот и ќе се стремат да го забранат и да ги намалат човечките интервенции во природата.

Ловот е штетна интервенција во деликатниот баланс на екосистемите

Секој вид и секоја единка во сложените природни екосистеми има своја функција за да го одржи нивниот баланс. Со ловот се нарушува тој баланс кој до ден денес не може целосно да се објасни од науката. Секоја најмала човечка интервенција може да има големи непредвидени последици. На пример, доколку со лов се намали бројот на единки од вид кој е предатор, се зголемува видот од единки кои се негов плен, па тој вид користи повеќе вегетација за храна што доведува до соголување на земјиштето, па ова доведува до намален извор на храна за помали животни и поленатори што дополнително го уништува екосистемот, па потоа има појава на ерозија на земјиштето, менување и намалување на водните текови итн. Крајниот резултат е променета и нарушена структура на екосистемот која води до целосно уништување на помали и поголеми делови од животната средина.

Еден фантастичен обратен пример од ова е враќањето на волците во екосистемот на Јелоустоун Националниот парк:

Истото важи и за стимулирање на размножувањето на одредени видови во ловиштата само заради нивно ловење потоа. Секоја интервенција на човекот во природниот тек на работите има непредвидени последици.
Природата има начини самата да го одржи овој баланс преку природна селекција. Дури и ако во еден момент популацијата на одреден вид се зголеми, доколку луѓето не интервенираат, преку природните механизми на глад и болести многу брзо сè ќе се врати на свое место. Овие можеби изгледаат трагично, но тие се природен начин да преживеат здравите, силни единки и да се одржи силата на видот.

Ловот води до изумирање на видови

За разлика од природните предатори кои ги целат болните и слабите индивидуи од видот со кој се хранат, луѓето ги ловат големите и здрави животни кои се потребни за одржување на видот за потоа да ги прикажуваат како големо ловечко постигнување. Со ова се случува двојно  (никаде непресметано) намалување на единките од ловениот вид и се создаваат послаби наредни генерации од видот. Со продолжување на употребата на ловот како средство за контрола на популацијата на дивите животни, само се осигурува нивното постепено изумирање. А со изумирањето на еден вид, неизбежно е и изумирањето на многу други видови од тој екосистем.

Ловот не е спорт

Спортот подразбира натпревар помеѓу две согласни индивидуи или тимови со користење на истите помагала и со обезбедени еднакви услови за натпревар. Ловот не е ништо од ова. Животните не се согласни да бидат гонети и убивани. Ловџиите ги напаѓаат и убиваат животните со пушки – оружје кое ниедно животно нема шанси да го избегне или да се бори против него.

Ловот е насилство и поттикнува други типови на насилство

Идентификувањето на гонење и убивање на животни како некаков тип на спорт или забава е болно само по себе. Затоа и последиците по човековото ментално здравје од ваквиот тип на „забава“ се страшни.

Иако е маскиран со некакви други лажни потреби, ловџиите првенствено го практикуваат како некој начин на забава. Иако ова долго време го тврделе психијатрите, во денешно време, со постоењето на социјалните мрежи лесно се докажало. Преку обемни анализи на објави и фотографии од ловџии со нивниот плен, постигнат е консензус дека прв и основен мотив за лов е чувството на надмоќ над послаб вид и чувството на големо постигнување по одземање на живот.

Како и други типови на насилство, ловот доведува до отпорност кон страдањето на други. Погоре споменатото чувство на надмоќ и постигнување по сторениот насилен чин се пренесува и во секојдневието на тие луѓе. Обемни психолошки и криминолошки истражувања покажуваат и докажуваат дека луѓето кои извршиле насилство кон животни ретко застануваат таму и често тоа насилно однесување го пренесуваат и на луѓето во форма на семејно насилство, силувања и убиства. Кога веќе еднаш некој се ставил во улога да одлучува за правото на живот на една индивидуа, независно од кој вид е таа, тоа лесно се пренесува на сите други видови вклучително и човечкиот. Ова е потврдено и со истражувањата, според кои, луѓето кои биле насилни кон животни има пет пати поголеми шанси да извршат криминални насилни дејствија кон луѓе.

Ловот е непотребен

Времињата кога ловот бил на некој начин потребен (иако и ова е дискутабилно) се одамна поминати. Човештвото е стигнато до степен во морален, еволутивен и научно-технолошки развој кога може целосно да се исфрли потребата од повредување и убивање други животни. Законодавството треба да го следи ова и постепено да ги забранува сите архаични начини на злоупотреба на животните за човечка забава или придобивка. Ловот е можеби прв на листата како нешто што е апсолутно непотребно во човековиот живот и е штетно и по човековото ментално здравје и по животната средина.

Ловот е неетички

Ловот предизвикува физичка и емоционална болка и страдање кај животните. „Чистите“ убиства во оваа форма на насилна „забава“ се ретки и многу животни остануваат тешко повредени или се мачат во долга, бавна и болна смрт.

Многу, ако не и сите, од животните живеат во сложени, тесно поврзани заедници и семејства. Членовите на овие заедници и семејства се силно емоционално поврзани меѓу себе и убиството на еден овие членови може да ја уништи целата заедница или цело легло на младенчиња да ги претвори во сираци.

Има уште многу аргументи зошто ловот е штетен и за животната средина и за луѓето. Време е да ги прифатиме и човештвото да престане самото да се уназадува и да почне да се однесува одговорно. Време е да престанеме да го уништуваме овој свет и самите себе. Имаме сè што ни е потребно, и интелектуално и технолошки, за конечно да ја преземеме единствената логична улога за нас на оваа планета: заштитници на природата и сите единки во неа.

Давор Пехчевски -активист за заштита на животната средина