[Став] Активизмот како средство за намалување на стигмата на дрогите – препреки и надеж за во иднина

Граѓанскиот активизам сам по себе претставува борба за промени, за добивање одредени права или едноставно запознавање на пошироката јавност со одреден проблем или сосостојба на која треба да се работи. Активизмот на полето на дрогите носи посебни потешкотии и предизвици својствени исклучиво за ова прашање, пишува граѓанскиот активист Давор Ангеловски за ХОПС

Граѓанскиот активизам во кое било поле од социјалната сфера бара многу труд, одвојување на поголем дел од слободното време и обврски, како и целосна посветеност кон исполнувањето на зацртаните цели. Секој облик на активизам сам по себе претставува борба за промени, за добивање одредени права или едноставно запознавање на пошироката јавност со одреден проблем или со состојба на која треба да се работи. Кога се работи за дрогите активизмот во оваа област носи одредени товари и пречки со кои секој кој решил да тргне по овој пат треба да биде спремен да се соочи и нив да ги прифати уште на почетокот. За жал, живееме во општество каде што дрогите се сѐ уште табу тема и каде што народот има одреден презир и предрасуди кон секој кој се занимава со ова прашање без разлика на причините поради кои активистот ја одбрал токму оваа проблематика и дали е лично засегнат од неа.

Иако се трудам да бидам активен на повеќе полиња и да дејствувам секогаш кога ќе забележам одредена социјална неправда или дискриминација по кој било основ, сепак моето животно искуство и лично убедување ме натераа да се фокусирам на проблемот со дрогите, односно на она во што искрено верувам, нивната декриминализација и дестигматизација во општеството. Иако лично сметам дека сите дроги треба да бидат декриминализирани и нивната употреба треба да се гледа преку здравствениот, а не правно-казнениот аспект, сепак главниот фокус на моето дејствување е канабисот. Дел од причините поради кои сум главно посветен на канабисот е секако личното искуство кое започна последните години од 90-тите години на XX век, како и неправедната положба во која е канабисот спрема другите дроги (иако него не го сметам за дрога), а и онаа спрема легалните супстанции од кои нема никаков бенефит, цигарите и алкохолот.

Еден од првите предизвици со кои секој активист треба да се соочи е дознавањето на семејството, на околината, на колегите од работа и на пријателите со активностите со кои се занимава и со заложбите во кои искрено верува. Тука често се случува активистот да наиде на првите проблеми поради погрешните сфаќања и стигмата што го следи ова прашање. Морам да признаам дека во мојот случај најчесто наидував на поддршка како од моето семејство, така и од моите пријатели и од поблиската околина.

Друг сериозен фактор кога се работи за активизмот на полето на дрогите е, секако, нивната нелегалност. Со самата борба за нивна декриминализација често се случува да се најдете на радарот на Полицијата и, иако не го кршите законот, да бидете под постојан притисок и страв во вршењето на своите активности. Затоа многумина кои се лично засегнати од ова прашање најчесто се ставени пред дилемата дали да излезат во јавноста и со сите можни средства да се заложат за она што сакаат да го променат или пак, како што повеќето решаваат, својот активизам да го вршат со помало експонирање во јавноста преку социјалните мрежи на интернет или како што јас го нарекувам активизам преку тастатура.

Од ноември минатата година кај нас беше и сѐ уште е многу актуелно прашањето на медицинската употреба на канабисот за што се одржаа и неколку јавни трибини, телевизиски дебати и предавања. Тука за првпат можев директно да се соочам со тоа што значи да се биде активист на полето на дрогите и како експертската јавност и лекарската фела гледаат на овој вид активизам. Имено, на овие трибини и предавања јас и другите активисти постојано се соочувавме со проблемот да нѐ ислушаат со внимание, како и со исмејување од страна на претставниците на институциите кои не го сметаат нашето лично искуство и знаење ниту за сериозно ниту за релевантно. Често се случуваше и од публиката, генерално од лекарите и од фармацевтите да долетаат извици како „види ги наркомани“ и слични други навредливи дофрлувања. Мора да се признае дека колку и да се труди човек да остане ладен на вакви провокации, сепак е болно да се соочи со ваков понижувачки однос, особено бидејќи се работи за прашање во кое сите засегнати цврсто веруваме, а и мнозина од нас боледуваат или имаат некој близок кој е болен и успешно го користат канабисот како медицинско средство.

Во последниве месеци бевме сведоци и на прогон на активистите кои се заложуваат за употребата на канабисот во медицински цели во блиските држави. Беа уапсени главните активисти во Словенија, како и некои во соседна Србија. Секако дека ова е нешто што нѐ заплашува бидејќи многумина од нас имаат семејство, мали деца кои зависат од нас. Секој кој се занимава со активизам од областа на дрогите во вакви ситуации се соочува со колебање дали да се откаже од дејствувањето за она во кое цврсто верува или да продолжи и понатаму со сите сили. За среќа, во нашава држава институциите барем за ова прашање сега за сега имаат разбирање и, иако притисокот е секогаш присутен, повеќето од нас продолжуваат со своите активности. Од друга страна, нешто што е својствено за нашава држава е можноста поради ваквите активности да бидете прогласени за платеници за туѓи намери и вашиот искрен труд да биде искритикуван како активност по наредба.

Ако на нешто активистите од нашава држава можат да бидат горди, тоа се активностите на Граѓанското здружение Зелена алтернатива и на основачот Филип Достовски. Она што ова здружение успеа да го постигне во последниве две години на многумина од нас дотогаш ни изгледаше тотално невозможно и чиста фантазија. Успесите во дестигматизацијата на канабисот и на неговата употреба, преку одржаните семинари и јавни настапи, се видливи за сите нас и ни даваат кураж за понатамошното дејствување. Благодарение на ова здружение, кај нас се отвори и прашањето за медицинската употреба на канабисот, тема за која претходно беше незамисливо јавно да се зборува без страв од некакви последици. Со секој настап перцепцијата на јавноста пополека се менуваше, секако сѐ повеќе и со ширењето на знаењето за лековитоста на ова растение, како и големиот број луѓе кои, за жал, нелегално се лекуваа, меѓутоа постигнуваа одлични резултати. Па така, по неколку години од почетоците на дејствувањата на ова здружение, јавните анкети покажуваа дека бројот на граѓани кои ја поддржуваат употребата на канабисот во медицински цели порасна над 60 %, факт кој во минатото беше навистина незамислив. Сето ова ме поттикна да се приклучам кон Здружението Зелена алтернатива и да помогнам и да придонесам за заедничките цели.

Нешто што е за поздравување и за оддавање признание е и способноста на Достовски сам, без поголема поддршка и без помош, да ги донесе во Македонија врвните експерти, научници и доктори од областа на медицинската употреба на канабисот, кои учествуваа на трите бесплатни семинари одржани од ова здружение, за кои интересот беше огромен и се бараше место повеќе. Говорници на овие семинари беа познати научници и лекари како д-р Лумир Ондреј Хануш (Lumír Ondřej Hanuš), д-р Пол Хорнби (Paul Hornby), д-р Роберт Џ. Меламед (Robert J. Melamede), д-р Хозе Карлос Боусо (José Carlos Bouso) и др. Дел од нив се вклучени во обуката на македонските лекари за медицинската употреба на канабисот. На 28 и на 29 мај 2016 година се одржа третиот семинар. Освен тоа што можеше да се слушне за најновите сознанија за лековитоста на канабисот, за резултатите од последните студии, како и за неточните информации кои постојано кружат во јавноста за канабисот генерално пласирани од прохибиционистите, можевме да чуеме и за тоа каква економска гранка може да претставува канабисот за Македонија и за легалистичкиот дел од оваа проблематика, односно генерално за конвенциите на ОН и што значат тие за нас.

За крај би сакал да им порачам на сите кои имаат мака и кои се занимаваат со оваа проблематика да се охрабрат и јавно да проговорат за ова прашање кое е горлив проблем насекаде низ светот. Посакувам што повеќе луѓе, од експерти до обични граѓани, да земат учество и да помогнат за она во што вистински веруваат бидејќи само со активна работа може да се смени перцепцијата на народот кој живее на овие простори. Ги повикувам и медиумите повеќе да се вклучат за ова прашање со правење емисии, со документарци и со јавни дебати на кои ќе можат да се чујат различни мислења и ставови за дрогите бидејќи ова прашање секогаш ќе биде актуелно и тема на која ќе треба да се работи. Да не чекаме на тоа што ќе одлучат Обединетите нации на своите конвенции, туку да се потрудиме самите да издејствуваме позитивни промени во нашето општество кога се во прашање политиките за дроги. Да не дозволиме беспотребно да се уништуваат семејства и животи на луѓе кои во никој случај не се криминалци, туку луѓе на кои им е потребна помош, здравствена или социјална, помош која ќе им овозможи да живеат нормален живот каков што и посакуваат без да бидат затворани и дискриминирани поради застарени политики за кои веќе е јасно дека не дејствуваат. Активизмот е постојана борба која трае за чиј плод е потребно подолго време за да се согледа и да се почувствува.