Средношколките на „НОВА“ ќе го докажуваат својот квалитет на врвни универзитети во Европа и Америка

Мими Костоска, Ангела Костуранова и Тина Колеќевска се матурантки од приватната гимназија „НОВА“ во Скопје, кои од следната учебна година своите квалитети ќе ги докажуваат на врвни универзитети во Европа и Америка. Овој успех, велат тие, се должи на нивната упорност, искуството што го стекнале од неформалното образование и постојаната поддршка од нивните професори.

„Минатото лето добив целосна стипендија за летната програма за биомедицина на Јејл која ми овозможи да стекнам реална претстава за образованието и студентскиот живот таму. Во текот на тие две недели навистина се вклопив во тој систем затоа решив да аплицирам“, раскажува Костоска.

Но, подготовките за аплицирање започнале една година претходно.

Таа вели дека била изненадена од приемот, бидејќи пред неколку месеци тоа за неа претставувало нешто неостварливо и невозможно.

„Јејл ми беше сон, искрено уште ми е, бидејќи сѐ уште не ми се верува дека ќе студирам таму“, вели таа.

Костоска има желба да се посвети на работа во лаборатија и истражувања во областа на хемијата и биологијата, а на Јејл гледа како институција која нуди можности во таа област.

„Свесна сум за предизвиците што ме очекуваат и за компетитивниот контекст со кој ќе се соочам, но со нестрпение чекам да се вклопам во таа средина“, вели таа.

Нејзината школска во генерацијата, Ангела Костуранова, својата академска иднина ќе ја продолжи на Универзитетот „Пјер и Марија Кири“ во Париз.

Таа во „НОВА“ се префрлила откако две години претходно учела во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Костуранова вели дека отсекогаш знаела дека биологијата ќе биде нејзината животна професија, а изминативе години решила тоа да биде од областа на генетиката.

„Мојата првична замисла беше да студирам во Велика Британија, желба која ме донесе во трета година во ‘НОВА’ како дел од Меѓународната програма(International Baccalaureate). Иако добив понуди токму од оние универзитети каде сакав да студирам, и бев убедена дека ќе го продолжам своето образование таму, финансиските околности и неможноста да се аплицира за целосна стипендија го отежнаа процесот. Така, мојата прва желба, UCL, отпадна. Во меѓувреме, добив понуда од Универзитетот Пјер и Марија Кири (Сорбона) во Париз, каде освен квалитетното образование, условите за финансирање беа особено ниски, што ми помигна да ја донесам својата конечна одлука“, објаснува Костуранова.

И за неа, оваа шанса да студира на универзитет кој е рангиран во најдобрите 50 во светот според Шангајската листа, е чест и мотив за остварување на сопствените цели и амбиции. Студирањето на овој престижен факултет за неа значи и продолжување на посветеноста и трудот во поголема мера, но и прилика да запознае реномирани професори и научници.

Како голема удел и помош при аплицирањето на Костуранова било искуството што го стекнале од неформалното образование.

„Неформалното образование ми помогна да развијам бројни вештини, но и да ги афирмирам своите дотогашни ставови, да запознаам истомисленици, да ги споделувам мислењата и аргументирано да ги бранам. На таков начин, искуствата и познанствата кои ги имам од дебатирањето во МОФ, и работилниците со КРИК и PTPI, како и многу други проекти во кои се вклучував ме подготвија за предизвиците кои ме чекаат понатаму“, вели таа.

За разлика од Костуранова и Костоска, нивната врсничка Тина Колеќевска се одлучи за општествените науки, поточно економијата. Таа пред четири години ја добила можноста да учи во ‘НОВА’ преку стипендијата ‘Борис Трајковски’, за сега да е иден студент на Универзитетот во Торонто.

„Како некој што се гледа меѓу луѓе на работното место, се двоумев меѓу психологија и економија, но економијата ми беше суштински позначајна бидејќи може да донесе промена во општеството, особено во поглед на маргинализираните групи“, смета Колеќевска.

Подготвувањето оди полека, но сигурно, вели оваа матурантка. Таа е возбудена од периодот што и претстои. Колеќевска во првата година ќе изучува општествени  науки, односно Social Sciences, за потоа да се насочи кон изучување економија.

Нејзината првична одлука сепак не била Канада. Таа имала дури 18 понуди од универзитети ширум светот, но иако решена да студира на UC San Diego, на крај се одлучила за Универзитетот во Торонто.

„Компетитивната средина за работа, бројните лаборатории,  како и реномираните професори придонесуваат студентите на University of Toronto да станат индивидуи  што се спремни да дадат значаен личен „печат” во својата област, без разлика дали се работи за природни/општествени науки, информациски технологии, математика или пак уметност“, се причините поради кои Колеќевска се одлучила за овој универзитет.

И таа, како своите школски има богато неформално образование, стекнато преку учество на разни натпревари, работилници и семинари.

„На пример, јас играм одбојка уште од второ одделение, а со тимот на НОВА успеавме да освоиме повеќе први и втори места на CEESA (Central and Eastern European Schools Association) натпреварите во Хелсинки, Белград и Киев. На универзитетите им е приоритет потенцијалниот студент да биде заинтересиран да учи и истражува надвор од училишните простории и истовремено да се развива  умствено, физички и социјално. Од огромно значење беше и мојата волонтерска работа. Имено, во текот на првите три години од моето средно образование бев дел од Црвениот Крст, додека пак последната година, заедно со уште неколку соученички, водев група за соработка со деца со посебни потреби. Исто така, важен фактор е и учеството на летни програми. Лично, јас бев на неколку семинари за психологија во „Петница” – истражувачки центар во Србија, а исто така поминав и еден месец на летна програма за финансии и економија во Њујорк“, појасни Колеќевска.

При процесот на аплицирање, најголема поддршка и помош добиле од своите професори, велат овие три средношколки.

„Иако сите процедурите, и за аплицирање во НОВА и за аплицирање на универзитетите ги вршев сама, без советите и помошта која ја добив од професорите не верувам дека успешноста ќе беше толку голема. Формалните препораки кои дел од професорите во ‘Корчагин’ ги напишаа ми помогнаа да се запишам во НОВА, додека пак препораките, советите, поправките на есеите, и подготовката за испитите, и сите детали неопходни за успешно аплицирање ми беа овозможени во НОВА. Затоа, иако најголемиот удел го има индивидуалниот труд и напори за успех, без соодветната поддршка, самиот процес е отежнат, и честопати конфузен“, забележува Костуранова.

„Поддршката од самата образовна институција е многу важен фактор за интелектуалното развивање на ученикот, а моралната поткрепа е најбитна кога се работи за апликации за факултет“, потврдува Колеќевска.

„Сметам дека системот на „насочување” на учениците треба да почне да се применува и во државните училишта, бидејќи е навистина ретко да се види професор кој безрезервно го одвојува своето време и дава поддршка на секој ученик во сите 4 години од средношколското образование“, вели таа.

Тие велат дека се одлучиле за студирање во странство бидејќи сметаат дека праксата и искуството се на многу повисоко ниво.

„ Нашиот образовен систем, но и репетитивниот начин на учење и неможноста да имам практична настава, особено важна за мојата идна струка ми пречат, и истражував и знаев за универзитетите каде аплицирав уште кога завршив осмо одделение. Мојата желба за подобро образование потекнува пред се од фактот што нема доволно развиен научен сектор кај нас, нешто кое се надевам ќе се промени во иднина, но и од поголемата перспектива за личен просперитет, кој повторно со напорна работа и труд се нудат во поголема мера надвор, вели Костуранова.

Тие не ја исклучуваат опцијата да се вратат и да ги пренесуваат своите искуства од надвор, како еден скромен личен придонес, но откако ќе се здобијат со потребните знаења.

Е.П.

//