Современ танц на Малата сцена на МОБ

Вечерва со почеток од 20 часот на Малата сцена во МОБ ќе се одржи вечер посветена на современ танц на која ќе бидат прикажани неколку дела наменети за студентите на катедрата на балетска педагогија отсек современ танц при Факултет за музичка уметност-Скопје.

Воедно, ќе биде прикажана и премиерната танцова изведба на делото „Панаѓур на музика“ на Гоце Коларовски во кореографија на Искра Шукарова, како дел од проектот „Симбиозис“ поддржан од Министерство за култура.

Костимографијата и сценографија на овој проект ја изработи Марија Пупучевска, додека ликовната изведба е на Јана Куновска.

Ќе бидат прикажани и делата Out of no where на музика од Kanding Ray-Anthem и Моменти на музика од Кирил Џајковски во кореографија на Игор Киров.  На крај, ќе се прикажат танцови етиди како дел од програмот на студентите на отсекот за современ танц.