Со изложба, концерти, поезија и филмови вечерва ќе се прослави роденденот на МКЦ

Младинскиот културен центар во Скопје вечерва ќе прослави јубилејни 45 години постоење. Во рамките на роденденската програма ќе биде отворена изложба, ќе има музика, поезија, филм, отворање на Ап(о)тека, торта, дружење.

„Номад”, ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998) ќе биде отворена во Галерјата МКЦ. Изложбата ќе биде отворена со обраќање на неговиот брат Боривој Герзиќ.

Веќе една година како светот остана без Дејвид Боуви, а честа, но и одговорноста да отсвират трибуте концерт во чест на великанот ќе ја имаат Фолтин „Паднатите од Марс”. Концертот е во Денсинг салата „25 мај”.

Од Србија, пак, доаѓа искусна екипа. Веќе 15-тина години зад грамофоните, секаде каде што се почитува „органскиот црн звук”. Настапуваат под името „The Funk Soul Brothers”. Во Кино „Милениум” ќе има 24-часовен бесплатен филмски маратон со селекција на филмови од „Синедејс” 2016.Ќе се одржи и поетски перформанс „Песнило” на кој ќе настапат десетина поети. Модератор на настанот е Иван Шопов, кој и претходно знаел да ги мотивира поетите малку да откачат, да излезат од конвенционалното презентирање на тоа што го пишуваат.