Сегрегација и дискриминација наместо училишта со интегрирано образование

И шест години по усвојување на моделот на интегрирано образование, се уште има поделби во училиштата и посебни образовни установи за ученици од различна национална и етничка припадност, сметаат професори и претставници на Платформата за мултикултурализам. Дискриминацијата и сегрегацијата во образованието се проблемите за кои се дискутираше на денешната јавна дискусија „Интегрирано образование,состојба и предизвици“.

„Моментално Македонија се соочува со стагнирање и уназадување на овој процес. Интегрираното образование има една цел – унапредување на сите етникуми, а според сите истражувања спроведени од 2011 до 2015 година, сметаме дека има пречки, ситуацијата стагнира, а некаде е и уназадена од состојбата пред 2010 година“, вели Фари Хисени, претставник на Младинскиот образовен форум во Платформата за мултикултурализам.

Тој вели дека најголема пречка при интегрирањето на македонскиот образовен систем, е сегрегацијата во средните училишта.  Само во Скопје има доста средни училишта, каде до 2009 година имало заедничка настава за Албанци и Македонци, а сега се поделени. Како пример ги наведе „Никола Карев“, „Зеф Љуш Марку“ и „Марија Кири Склодовска“. Хисени вели дека тоа не е единствен случај во средното образование кај нас. Училиштето „Цветан Димов“, вели, се гордее со укинувањето на албанската паралелка.

„Решението според мене е соработка на Министерството за образование со невладините организации, бидејќи тие моментално се главниот актер и се трудат да ја реализираат целта да имаме интегрирано образование“, смета Хисени.

Професорот по социологија Петар Атанасов, смета дека коренот на проблемот е во тоа што градиме интегрирано образование во дезинтегрирано општество, каде владее сегрегација и корупција.

„Потребно е да се преземат многу мали реформи и политичките структури да бидат посветени на овој процес. Не може само невладиниот сектор да го гради ова, а државата и политичарите да удираат во сосема други тапани. Не може да се промовира национализам, а од друга страна на никој да не му е грижа што се случува во општеството“, вели Атанасов.

Додава и дека овој процес не може да се постигне со еден документ или единечна стратегија. Вели дека денес циркулираат неколку такви документи за кои се потрошени милиони евра, а ефектот е никаков.

„Се промовираат изместени вредности во образованието – историски учебници кои на децата им вродуваат погрешна слика во главите, се форсираат сосема погрешни приказни и се здебелуваат историските учебници. Сето тоа доведува до сегрегација“, вели тој.

Назихтере Сулејмани од Министерството за образование и наука, пак, вели дека интегрираното образование е долг и тежок процес на кој треба да се работи, а МОН спроведува доста проекти кои помагаат во тоа.

„Последните години МОН, поддржано од разни донатори реализираше многу активности. Морам да кажам дека тоа навистина се случува и факт е дека во секое основно и средно училиште постои тим за меѓуетничка интеграција. Самиот Устав дозволува децата да се школуваат на својот мајчин јазик. Меѓутоа, тоа не смее да биде препрека за да нема кохезија“, вели Сулејмани.

Важен аспект на постигнување на квалитетно и интегрирано образование, според професорот Љубомир Данаилов Фрчковски, е подеднаков пристап до образование за сите. Тој смета дека е неприфатливо што има посебни универзитети и факултети за албанските студенти, и тоа е голем проблем бидејќи се работи за сегрегација во образованието.

Jавната дискусијата  „Интегрирано образование,состојба и предизвици“ e организирана од Платформата за мултикултурализам која е поддржана од Прогрес – Институт за социјална демократија и Фондацијата Калеви Сорса од Финска, a имаше за цел да ги постави прашањата дали Македонија реално има интегрирано образование, каква е ситуацијата во реалноста и дали стратегијата останала само на хартија и никогаш не заживеала.

С.Т.