Референдуми во Италија: Венето и Ломбардија гласаа за поголема автономија

Двата најбогати региони во северна Италија гласаа за поголема автономија, на референдумите организирани вчера, кои имаат консултативен карактер и резултатите не се обврзувачки за владата во Рим.

„За“ гласаа повеќе од 90% од излезените гласачи во Ломбардија, регионот во кој се наоѓа италијанскиот финансиски центар Милано и Венето, регионот околу Венеција, соопштија регионалните претседатели.

Претседателите на двата региони се членови на Северната лига, регионална политичка партија која подолго време смета дека северот го субвенционира посиромашниот јужен дел од државата. Заедно, двата региони, сочинуваат околу 30% од вкупната италијанска економија.

Критичарите на референдумите сметаат дека тие се користат како алатка за да се подигне рејтингот на Северната лига пред парламентарните избори кои се одржуваат следната година, додека централната влада во Рим смета дека гласањето е непотребно, иако е дозволено според италијанскиот устав.

Оваа ситуација е доста различна од кризата во Шпанија, каде Каталонија, еден од најбогатите региони, спроведе референдум за независност на 1-ви октомври и покрај одлуката на уставниот суд да го прогласи за нелегален. Како одговор, шпанската централна власт најави воспоставување директна контрола врз регионот.