Прв студентски пленум за оваа академска година: стари проблеми, нова борба

Помина точно една година од одржувањето на првиот пленум на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кога десетици студенти соединети во една автентична студентска иницијатива дискутираа за најавата на Министерството за образование и наука дека ќе воведе државен испит за студентите во втора и четврта година.

„Октомврискиот дожд и студ не ја запреа студентската искра да го одржи првиот од осум студентски пленуми, како што власта не успеа да ги запре студентите да си го искажат својот став. Бевме заокружувани со црвени маркери како криминалци во детективски филмови, ги загревавме улиците на Скопје со студентски маршови на два наврати, ѝ одржавме лекција по Уставно право на Владата, прогласивме Автономни зони на факултетите, успеавме да отпочнеме преговори за Законот за високо образование со Министерството за образование и наука. Но, нашата битка не заврши тука“, велат од Студентски пленум.

Првата дискусија за оваа академска година се разви во аулата на Филозофскиот факултет, каде првпат беше прогласена Автономна зона поради изгласувањето на новиот Закон за високо образование и отсуството на дебата при неговото донесување.

Меѓу присутните на дискусијата беа, стари членови на Пленумот, но и нови студенти кои сакаат да се приклучат во иднина. Идејата е и оваа година да се актуелизираат проблемите кои директно ги засегаат студентите, како што беше со неодамнешната герила акција во студентскиот дом „Гоце Делчев, со која потсетија на ужасните услови во кои преживуваат нивните колеги.

Покрај ова, тие сметаат дека е потребно да се согледат и многу други проблеми за кој би се залагале, како на пример недоволно простории за одржување предавања, отсуство на материјали за практичните вежби на факултетите за природни науки, потребата од бесплатен јавен превоз…

Преговорите меѓу студентите и ресорното министерство беа прекинати по неколку одложени или неодржани средби.

„Законот беше ставен во мирување, но пробаа да го видоизменат и да им го наметнат на нашите колеги од средните училишта. Сфативме дека е време да ги поддржиме и нив на улиците. Беа заокружувани, спречувани да си го кажат својот став. Се случи и 5 мај. Бевме напаѓани во читалници, апсени, но пак го искажавме својот став“, нагласуваат од Пленумот.