Проекција на филмови на Саша Станишиќ во Струмица

Во склоп на интезивирањето на културниот живот на град Струмица и промената на културниот интезитет во градот, невладината организација „Хронотоп“ вечерва ќе одржи проекција на кратките филмови на скопскиот режисер Саша Станишиќ.

Ќе бидат прикжани неговите филмови: „Митот за сара“, „Мангава диско панк“ и „Долу од рајот“. Следниот ден во истите простории Станишиќ ќе одржи кратка работилница за режисери – почетници која е од отворен карактер и на која можат сите да се пријават со порака или директно кај авторот. Работилницата ќе се одржи во 19 часот.

Филмовите ќе се прикажуваат во Дом на АРМ во Струмица, со почеток од 20 часот.

Инаку, Саша Станишиќ е независен продуцент, режисер и писател од Скопје. Има режирано неколку кратки филмови и ТВ серии, а повремено работи и како асистент на режија.
Тој е претставник на новата генерација на режисери од Македонија чиј фокус на интерес е сместен на локалните реалистични дискурси кои можат да се протегнат или аплицират по својата универзалност и на други делови од планетата, неговите партикуларни теми често во себе кријат општа човечка детерминанта. Во филмовите на Станишиќ свој одраз има и неговото претходно образование од книжевната компаративистка која го збогатува неговиот наративен и интертекстуален пристап.

За филмовите:

„Митот за Сара“
Во 1917, познатата француска актерка Sarah Bernhardt ги посетува француските војници на македонскиот фронт во близина на градот Битола. Пред нив изведува делови од Хамлет, лик кој што таа, за прв пат во историјата – од страна на жена, го игра 20 години порано во Париз. Зборовите на Хамлет измешани со теророт на војната, оставаат суров вкус на автентичност и го отклучуваат вечното прашање – Способен ли е човекот да се избегне сам?

„Магава диско панк“
Мангава Диско Панк (од ромски превод, Го сакам диско панкот) е единствениот панк-рок бенд во познатото македонско ромско гето „Шутка”. Главен пејач Елвис, неуспешно се обидува да го освои срцето на келнерката од локалниот ресторан, а татко му го исфрлува од дома. Елвис, здивеен од комплетното одбивање од општеството, доживува просветлување во форма на психоделична ноќна мора каде Elvis Presley се појавува како локален такси возач.

„Долу од рајот“
Ана, 15 годишна девојка, ја заменува СИМ картичката од нејзиниот телефон, со СИМ картичката на нејзиниот покоен дедо. Со новата картичка почнува да праќа СМС пораки до членови на нејзината фамилија, во обид да се нашали со нив. Шегата наскоро се свртува против Ана…