Поради дискриминација повлечен учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение

Министерството за образование и наука (МОН) донесе одлука за повлекување од употреба на учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение, откако Народниот правобранител утврди дискриминација по основа на род, пол, здравствена состојба, попреченост и религија.

Учебниците по граѓанско образование за осмо одделение и општество за 4 одделение кои се повлечени со решение на министерката за образование Рената Тренеска Дескоска, не треба да се користат, а Комисијата која работеше на нивно разгледување утврдила и други спорни содржини, покрај за оние за кои беа поднесени претставки.

Во претставката, поднесена од Мрежата за заштита од дискриминација, во врска со дискриминаторски содржини во учебникот „Граѓанско образование“ за 8-мо одделение се наведува дека во учебникот, на страна 34 и 35 се учи за правата на жената и, меѓу другото, се вели дека „само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството“.

Дел од контроверзната содржина во учебникот

„Го поздравуваме мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на министерката за образование и наука и се надеваме дека ваквата пракса ќе продолжи и во иднина, за сите учебници со дискриминаторска содржина“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

„Во прилог на истата лекција има две фотографии, на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија жената седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка. Под фотографиите стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?” Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето „Која од овие жени се изборила за своите права” бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите не се избориле за своите права. Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите останати религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените и учениците кои припаѓаат на други религии или не се религиозни“, се појаснува во соопштението.

Според Хелсиншкиот комитет ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и промовира дискриминација кон жените и родови предрасуди.

Дополнително, се додава во соопштението, ова претставува прекршување на принципот на секуларност во образованието, бидејќи религиски текстови се претставуваат како легитимни извори на информации за женски права.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија бараат од МОН да ја вклучи Мрежата за заштита од дискриминација во процесите на ревизија на учебниците и наставните содржини, со цел да обезбеди партиципативност во процесот и почитување на забраната на дискриминација во образованието.

Претходно МОН најави дека го повлекува и контроверзниот учебник за четврто одделение по „Општество“, во кој исто така беа утврдени дискриминаторски содржини, бидејќи во една од задачите од децата се бара фотографија од свадбата на родителите, како и датум на стапувањето во брак и слични податоци.

Министерката посочи дека училиштата, за кои добиле информации дека веќе ги поделиле овие учебници, ќе добијат укажувања од МОН, додека информираше дека од Бирото за развој на образованието до крајот на неделава, на нивната интернет страница, ќе објават прирачник за наставниците по кои ќе се предаваат овие два предмети.

Од МОН веќе најавија целосна ревизија на учебниците, преку пошироки консултации со наставниците кои ќе треба да дадат свое мислење за квалитетот на учебниците и одредени проблеми. Крајниот рок за пополнување на електронски прашалник, доставен до училиштата, е 15 септември.