Почнува петтиот Фестивал за млади „Џифони Македонија“

Во кино „Милениум“, вечер во 19.30 часот, со проекција на филмот „Ловец на муви“ во режија на Изер Алиу, ќе биде отворен петтиот Фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Филмот е нискобуџетен, снимен во 2016 година, а светската премиера ја имаше на фестивал во Торонто. Режисерот Изер Алиу потекнува од Македонија, живее во Шведска и Норвешка каде го завршил филмското образование. Неговиот игран филм „Ловец на муви“ и претходно краткиот филм „Шунарот“ се снимени во Кондово.

Интернационалното жири на петтиот „Џифони Македонија“, кој ќе трае до 23 октомври, ќе го сочинуваат над 700 млади од 12 држави од Европа на возраст од десет до осумнаесет години.

Ќе бидат прикажани 15 играни филмови од официјалната конкуренција, како и многу други кратки и документарни филмови. Планирани се и 11 работилници за филм, театар, музика и танц, како и повеќе придружни активности.

„Во магијата на филмот“ е мотото на годинешниот фестивал

Фестивалската програма за годинашното издание на фестивалот ќе биде соопштена денеска на прес-конференција во Младинскиот културен центар во 11 часот, на која е најавено присуство и на Клаудио Губитози, директор и основач на фестивалот „Џифони Искуство“ (Giffoni Experience) од Италија.