Почина пионерот на асид хаус музиката диџеј Спанк-Спанк

Еден од пионерите на асид хаус музиката почина. Диџеј Спанк-Спанк беше еден од тројцата основачи на легендарната продуцентска куќа во Чикаго „Футур“, заедно со диџеј Пјер и Херб Џи, кои во 1987 година ја објавија 12-минутната нумера „Acid Tracks“, која се смета за клучен момент во развојот на овој жанр на музика.

Диџеј Спанк-Спанк, чие вистинско име му е Ерл Смит Џуниор, доживеал срцев удар во мај, но причината за неговата смрт се уште не е потврдена. Веста започна да се шири на Твитер, преку профилот на диџејот Блек Мадона, по што беше избришана, а потоа повторно беше соопштена преку официјалната Фејсбук страница на музичарот.

Во објавата пишува:

„До целото наше асид хаус и музичко семејство, жал ни е што ќе ви соопштиме дека нашиот пријател и партнер диџеј Спанк-Спанк почина. Спанк беше легенда. Ние сигурно ќе ја продолжиме работата што тој ја почна за неговиот последен албум и неговите иновации во музиката. Ве молиме, засега, молете се за неговото семејство и неговиот брат диџеј Пјер. Дајте им време да жалат. Ќе се вратиме со вести. Со љубов“.

Диџеј Пјер во изјава за еден од медиумите рече:

„Спанк беше причината зошто се формираше групата Футур. Светот не знае колку тој беше талентиран и колку зависев од него. Тој ми пиша минатата ноќ, велејќи дека работи на нова музика и колку тој бил возбуден што ја има можноста повторно да настапува. Ние работевме на нашиот албум и тој беше многу возбуден за тоа. Во моментов сум оставен без зборови. Тој живееше за оваа музика. Така што, ние ќе се потрудиме тој засекогаш да живее во музиката што ја создадовме заедно. Тој ќе биде на подобро место. Сакајте се едни со други, луѓе. Сакајте го животот“.

По веста за неговата смрт, голем број музички соработници и колеги упатија сочувство на социјалните мрежи.