По референдумот, на ред е Сенатот да одлучи за иднината на студентското организирање

На вчерашниот референдум 2.615 (од излезените 2.767) студенти гласаа за промени во студентското организирање. Односно, гласаа „не“ за СПУКМ да остане како невладина организација, туку да влезе како тело во рамки на Универзитетот, со што би се зголемила контролата на парите кои ги троши, но и на начинот како се вршат студентските избори. Оттука, сега останува Сенатот да го повлече следниот чекор за потенцијалното реформирање на студентската поставеност во Универзитетот, при што одлуки треба да дојдат од неколку филтри, тела при УКИМ.

Професорката и сенаторка, Маја Стевановиќ, за Радио МОФ објаснува дека седници на Сенатот вообичаено се одржуваат на крајот од месецот. Претходнот месец, вели таа, воопшто не се разгледувале предлозите од формираната Комисија (Пленум, СПУКМ, професори).

„Таа комисијата имаше два предлога  – СПУКМ да остане, или да не остане како организациона единица во УКИМ. Тие не беа ставени како точка на дневен ред. Одговорот беше дека: ‘Сите предлози, сето она што предвидува измени на Статутот, треба прво да мине низ статуратно-правна Комисија, а потоа и на Ректорската управа – кај деканите. На крајот е Сенатот’. Тоа е целата процедура“, објаснува Стевановиќ.

Според неа, студентите со референдумот дале позитивен импулс, значаен знак за тоа каков би бил понатамошниот модел за студентското организирање. „Најубав податок за референдумот е тоа што имаше само 100-150 гласови за СПУКМ да остане ваков каков што е сега.  Тоа, за мене, е најважниот знак. Телата на УКИМ не траба да ги игнорираат резултатите од референдумот“, вели сенаторката.

Во однос на гласањето, прави паралела со контроверзните студентски избори на 30 јуни. Меѓу другото, изборите тогаш се одржуваа без список на гласачи и паравани, со гласачко ливче-флаер, печат од 2015 година, и со гласачки кутии кои одреден период „изчезнаа“. Дополнително, лава од реакции создаде и полициската акција кај СПУКМ. Професорски пленум овој ден веќе го окарактеризира како „најсрамниот ден во историјата на УКИМ“, а Стевановиќ ги нарекува „наводни избори“. Професорската била присутна на лице место и, смета таа, вкупниот број на гласови не бил поголем од 100.

„Од тоа се претпоставува дека 15-ина души во СПУКМ и уште неколку луѓе го држат во заложништво целото студентско организирање. Бев присутна во кампусот, и знам дека во Филозофски и Филолошки имаше 5-6, а во другата 20-ина гласачи. Тоа беа истите луѓе кои се ‘прошетаа’ по сите факултети. Така што, наводните бројки дека гласале над 5.000 студенти се смешни. Тоа се одржуваше насред лето, кога 5.000 студенти немаше во цела Македонија“, смета таа.

За разлика од тогаш, Студентски пленум тврди дека првиот Студентски референдум поминал на повисоко ниво на организација. Главно во мирна атмосфера, иако тврдат дека на одредени факултети имало притисоци од членови од Студентскит парламент врз членовите на Изборната комисија.

„Се вршеше притисок, не даваа да се пребројуваат гласовите, ги тераа студентите да не гласаат, коментираа дека ова не е правно издржано. Па, ние уште на почеток рековме дека референдумот е од неформален и необврзувачки карактер! Сепак, се на се, денот главно помина мирно. Вчера студентите покажаа како треба да изгледаат студентски избори. Студентите одржаа час по демократија и им покажаа на СПУКМ дека ‘ние сме вашиот крај’. Сега, Сенатот на УКИМ треба да го направи следниот чекор. Јасно е од референдумот дека СПУКМ треба да биде организациона единица внатре во УКИМ, а тоа останува како морална одговорност на професорите и сенаторите“, вели за Радио МОФ претставничката од Студентски пленум, Деа Здравковска.

Воедно, во име на Пленумот ги повика сите сите студенти заедно да ја прослават победата од референдумот и да дискутираат за наредните чекори како да ја продолжат борбата за студентското организирање. Наредната среда, напладне, на платото на УКИМ ќе има официјален настан – собир.

Б.Ш.