ПичПрич во Битола

На темата „Кога (си) бев малечка“, шест жени препознатливи по своите општествено-културни дејности, денеска ќе зборуваат на настанот ПичПрич во Народниот театар во Битола. Настанот е бесплатен, а почнува од 20 часот.

Првата раскажувачка е Фатма Бајрам Аземовска, натурализирана Битолчанка, дипломиран педагог, работи во библиотеката „Св.Климент Охридски“ – Битола, а исто така е претседателка на Здружението за развој на Ромската заедница „Сумнал“.

По неа, настапува Јасмина Василева, битолчанка што живее во Скопје, а работи (главно) во Куманово. Актерка, активистка, гласна критичарка на погрешните културни и јавни политики, спремна без проблем да се конфронтира и со најавторитарните фигури.

Третата раскажувачка е Беса Арифи,  професорка по право, аналитичарка и колумнистка, а четврта е Елизабета Баковска, главен уредник на електронското списание за култура и литература Блесок. Таа преведува, пишува поезија, проза и книжевна теорија и критика.

Како петта раскажувачка е најавена Уранија Пировска, питбулката од Хелсиншки како што милуваат да ја викаат другарите.
Правничка, актуелна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, секогаш прва на фронтот во борбата против неправдата, на страната на најневидливите и најбезгласните во општеството.

На ПичПрич раскажува и Софија Ристевска Петрушева. Таа досега режирала над триесет претстави во државни и независни театари, а од 2013та година има свој театарски простор во Битола, „Интимен Театар“, каде што поставува претстави што обработуваат општествени теми и проблеми.

Инаку, ПичПрич се одржува во рамките на Нов културен бран, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Фондација Фридрих Еберт.