Обвинителство бара професорите да не работат додека трае постапката за „Еразмус“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје достави нов предлог за определување мерка на претпазливост против шест професори, обвинети во предметот „Еразмус”.

Односно, Обвинителството бара на професорите да им се забранат определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, со времетраење до правосилно окончување на кривичната постапка.

„И покрај истражната постапка, забележано е дека обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет во Скопје и притоа се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и жртвите во кривичната постапка што се води. Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води постапка се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности, така и со студентите и со меѓусебната комуникација на факултетот, јавниот обвинител цени дека со судска одлука на обвинетите треба да им се забрани да ги извршуваат работните активности до правосилното завршување на постапката“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.

За предметот „Еразмус”, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција од јуни оваа година, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР – Единица за корупција, спроведуваше истражна постапка против шест лица.

Истражната постапка се спроведуваше поради постоење основано сомнение дека обвинетите сториле кривично дела – „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „давање поткуп“.

Во јуни Основниот суд Скопје 1 со Решение на обвинетите им изрече мерки на претпазливост, со кои се стекнаа со обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган, а притоа им беа одземани и пасошите.

Инаку, случајот „Еразмус“ беше проследен со различни реакции низ јавноста. Професорскиот пленум побара дополнително да се утврди реалноста за, како што рекоа, сите наводи за случајот и опобараа објавување на сите детали за индицираната оруптивна шема. Притоа, го осудија упадот на полицијата во кампусот на УКИМ, окарактеризирајќи го како противуставен и противзаконски, односно како удар на автономијата на Универзитетот.