Објавени резултатите од екстерното, просечната оценка послаба од лани

Државниот испитен центар соопшти дека се објавени резултатите од екстерното тестирање на учениците од 4-то одделение во основното образование до 3-та година во средно образование, коишто беа тестирани во периодот од 2 до 10 јуни.

Просечната оценка на постигнувањата на учениците оваа година изнесува 3.26, што во споредба со минатата година (3,6) е помала, констатираат од ДИЦ.

Од денес резултатите ќе бидат истакнати во училиштата. Учениците ќе можат да ги погледнат оценките кои ги добиле и почнувајќи од утре 26 јуни, а заклучно со 30 јуни (вторник) ќе можат да поднесуваат приговори до Училишната комисија. При поднесување на приговорот ученикот има право на увид во тестот“, стои во соопштението од Државниот испитен центар.

На ниво на општина, најдобри постигнувања оваа година имаат Центар, Вевчани, Аеродром,  Карпош и Кисела Вода.

За деветоодделенците, врз основа на обработените податоци за нив, просечната оцена за нив е 3.04. За резултатите на 9-то одделенците пристигнале вкупно 223 приговори од кои 51 се прифатени, 144 одбиени, а 28 се делумно прифатени (кога ученикот приговарал на 5 прашања, а прифатени за корекција му се 2 прашања).

Од вкупно предвидените 183 790 ученици во оваа фаза, по два предмети тестирани се 177 478, само по еден предмет тестирани се 2 619 ученици, додека 3 693 ученици воопшто не се тестирани. Оправдано отсутните ученици ќе бидат тестирани во августовската сесија која ќе се одвива од 17 до 20 август, велат од ДИЦ.

Во текот на тестирањето, иако од Министерството за образование и наука тврдеа дека процесот се одвива без никави проблеми, Средношколскиот пленум известуваше за бројни нерегуларности и нелогичности, како и технички пропусти кои го пратат овој процес и годинава.