Нова веб-платформа ги поврзува организациите со волонтерите

Волонтирај.мк е нова платформа која служи за поврзување на организации кои нудат волонтерски позиции со граѓани кои имаат пасија и слободно време да се вклучат во одредена кауза. Нејзин творец е Горјан Јовановски, кој претходно ја разви и една од најкористените апликации во државата „Мој воздух“.

„Досега, доколку некој сакаше да волонтира беше потребно распрашување по пријатели или скитање по ФБ за да се пронајде вистинската организација. Со овој сајт, целам да го надминеме тој проблем, и да се дозволи лесен пристап до сите места каде што може да се волонтира“, се надева Јовановски.

Тој за Радио МОФ вели дека сите имаат корист од сајтот, со тоа што организациите може лесно да се претстават и изложат на правилната публика преку објавување на нивни информации, мисија и отворени повици за волонтери. Граѓаните, пак, може лесно да ги пронајдат сите организации во категоријата во којашто се пронаоѓаат и да аплицираат преку едноставна форма. Со овој спој, целото општество се збогатува и напредува истовремено, смета Јовановски.

„Верувам дека волонтерскиот дух живее во Македонија, и има голем број совесни граѓани кои што се залагаат за одредена кауза, но немаат пристап до информации и ресурси за каде да го вложат своето време и својата пасија. За сите организации каде што јас до сега сум волонтирал, сум дознал преку пријатели, и секогаш сме разговарале дека фали вакво нешто. После долго време, решив да ја претворам таа идеа во реалност“, вели тој.

Категориите се додаваат во зависност од типот на организациите што се внесуваат во датабазата, не се наменети да ги лимитираат, туку само да ги класифицираат. Засега има девет категории и тоа: бизнис, екологија, животни, здравство, култура, младински активизам, студентски организации, технологија и хуманост.

Дел од интерфејсот на веб-сајтот

„Колку повеќе организации се пријавуваат на Волонтирај.мк, така ќе расте и бројот на категории“, вели Јовановски.

Сајтот функционира на тој начин што секој може да предложи организација за внесување, и откако ќе се провери, се додава во базата. Следно се контактираат сопствениците за да се проверат внесените информации, како и да се предложи додавање на повици за волонтери директно на платформата.

„Искрено сум доста позитивно изненаден, во првата недела имаме над 4.000 посетители на страната, и од 8те иницијално објавени позиции, има 7 поднесени пријави. Реакциите беа прекрасни и на социјалните мрежи каде што добивме поддршка од граѓани, невладини организации, па дури и од политичари“, вели Јовановски.

Тој се надева дека во иднина, Волонтирај.мк ќе стане главниот ресурс околу волонтирањето, не само преку спојување на организации и волонтери, но и преку едуцирање на двете страни за тоа што значи волонтерството и како правилно да се изведува за да се постигнат позитивни резултати.

„Верувам дека поголемиот број на организации ги почитуваат правата на волонтерите, но доволен е мал број на расипани јаболка за да се оцрни образот на сите. Потребна е поголема едукација, и на организациите кои што нудат волонтерски позиции, и кај самите волонтери, каде што ќе се потенцира дека волонтерите не се “бесплатна работна сила” и дека не треба да бидат искористувани како такви. И јас сум се нашол во иста позиција, и верувам дека преку дијалог и едукација, може да се надмине овој проблем“, нагласи Јовановски.

Сепак, Волонтирај.мк засега останува само на веб, додека целосно се развие концептот и можностите кои што понатаму би биле достапни за корисниците. Но, вели дека сајтот е прилагоден целосно за отварање преку мобилни уреди.

„Верувам дека во градење на успешно општество учествуваме сите, секој на свој начин. Јас знам да развивам веб страни и мобилни апликации, и се обидувам на тој начин да внесам позитивна промена во мојата околина. Други прават импакт на свој начин, и заедно сите можеме навистина да бидеме промената што сакаме да ја видиме во општеството, без да чекаме “некој од горе” да го преземе првиот чекор“, подвлече Јовановски.

Е.П.