Никушевски: Фотокатализата може да биде решение за линданот oд ОХИС, за внатрешно или надворешно загадување 

Фотокатализата е процес и успешна технологија, една од најевтините и најодржливи алатки за деградација на загадувачи, од било кој тип. Таа е широко распространета низ светот, онаку каде има сериозно развиена наука. Во последниве 10-ина години со развој на нанотехнологиите и науката за материјалите, доаѓа до совршенство, како солидно оружје против нашиот неодржлив свет на живеење. Ова е затоа што не создава нус-производи, хемикалии, не користиме енергија што најчесто во Македонија доаѓа од нечисти извори, вели Тони Никушевски во разговор за Радио МОФ.

Со Никушевски се сретнавме за време на јавната дискусија „Не оставај на друг, дојди за чист воздух“ во МКЦ.

Некој го знае како иноватор, друг како дел од организацијата „Оксипро солушнс“, трет од компанијата за хемиско чистење „Тонели“. Повеќето знаат дека Никушевски долго време ги следи случувањата поврзани со загадувањето, и постојано ја споменува фотокатализата. Таа е негов двигател. Решение за повеќе проблеми. За уништување на честички, азотни оксиди, бактерии, мувла, разни хемикалии во воздухот што делуваат како алергени…

„Се работи за технологија одамна етаблирана на Далечниот Исток, конкретно во Јапонија. Во чест на двајцата луѓе кои имаат најголем допринос за нејзин развој, е наречена и Фуџишима-Хонда ефект. Тоа е тој ефект на цепење на водената молекула по пат на светлина. Фотокатализата во принцип е процес потпомогнат од фотокатализатор. Најчесто користен е титаниум диоксидот. Може да се употребува на било какви површини, со тоа што тие површини стануваат реактори. Кислородот ги оксидира органските загадувачи кои се веќе присутни во воздухот, или на самата површина, зависно дали е воден или гасен медиум“, вели Никушевски.

Фотокатализата ја споменува за загадување во домовите. Ако е познато дека 80% од времето луѓето го поминуваат во затворен простор, а анализите покажувале дека тоа во домот е дури поголемо од надворешното загадување, во тој случај, вели тој, бесмислено е верувањето дека „ако затвориш прозор ќе се спасиш“.

„Така ништо не сме решиле. Прво, не може да се ставиме во ситуација да живееме со стаклен сад, изолирани. Водухот надвор е тој што е. Меѓутоа, внатре воздухот добива ‘дополнителни зачини на таа манџа’. Затоа многу организации за животна средина обрнуваат и на тоа indoor air pollution (внатрешно загадување). Ако во една просторија имаме 25 метри квадратни фотокаталитична површина и доволна светлина, таа е еквивалент – може да разгради загадување од 100 километри извозени од кола со стандард ЕУРО 4. Замислете 25 метри квадратни, или вашиот ѕид, или вашиот домашен намештај да ‘изеде’ толку многу загадувачи“, потенцира Никушевски.

Според него, нашите соби се своевиден нуклеарен реактор. Гардероба, мебел, нечист воздух… Но, вели тој, не мора да е проблемот само живеењето на човекот, туку и сомнителни материјали за градба.

„Скандинавските земји мислам дека се меѓу првите кои од 90-ите години имаат донесено стандардизација за мебелот за негова емисија. Што значи тоа? Во 90% од денешниот мебел се користи иверица, која е органски материјал, отпадок од дрво. За да не гние, било кој органски материјал мора да биде конзервиран – да елиминираме секакво присуство на други микроорганизми што ќе го мувлосуваат, деградираат итн. Меѓутоа, индустријата кога ја изработува таа иверица, најчесто, а скоро секогаш во ‘третите земји’, таа оди на најможниот нечист начин, со употреба на формалдехид. Тоа е сериозен канцероген“, забележува тој.

Во однос на фасадите, повторно ја споменува идејата за третирање на гаражата кај бивш Цветен пазар. Смета треба да стане „up to date“, во допир со времето.

„Ја гледав како една артифицијална плуќа. Кога останатите би гледале фасада, јас во неа гледав како на мала шума на дрва. Затоа што 1.000 метри квадратна површина, со фотокаталитичен премаз, би имала капацитет за прочистување на воздухот еквивалент на 70 високоразвиени дрва. Тоа е репер во свет, за да се стандардизира мора да има одредени перформанси“, вели тој.

Никушевски покажува направа која, како што вели, мери 400-500 гасови

Зборува и за опасниот линдан во ОХИС. Смета дека моделите за негово прочистување надвор, односно носење во Германија, Шведска или слично, се „приказни за мали деца“. Оттука, потенцира, ЕУ дава пари само за ин ситу-ремедијација – чистење на лице место.

„Не може Германија да гарантира дека ‘на Македонците возот ќе им помине низ Германија за да стигне во Шведска’. Како ќе гарантирате сигурен превоз до таму? Колку ќе се чека по пат? ‘Грин пис’ може три години да ‘лежи’ на пруги, да блокира. Македонија ќе треба да плаќа пенали. Тоа ќе не чинеше којзнае колку… Таков пестицид, далеку побезбедно е кога седи на едно место отколку кога се транспортира за да се третира. Така е најбезболно. Ако не се вклучи јавноста, пак ќе ја зачистат малата, а големата депонија во ОХИС ќе ја закопаат доле“, вели Никушевски, потенцирајќи дека и во Шпанија постои црна точка со линдан, каде преку програма на ЕУ со фотокатализа се третира успешно.

Дава примери и од други земји, за различни проблеми. За Чикаго, нагласува, е град кој ги направил улиците фотокаталитични. Дури и страничните тротоари се третирани со премази или фотокаталитични материјали.

„Фотокатализата се појави како потреба во овој век бидејќи сите оние мерки кои ЕУ ги донела ЕУРО1, ЕУРО2, ЕУРО3, тоа се контроли на емисии на самиот извор. Тие стандардизации не донеле многу, напротив загадувачите отишле нагоре. Зони на ограничување на сообраќајот, како во Лондон, исто така не донесоа видлив резултат.

Затоа се појавија потреба од алатки за третирање на лице место (ин ситу), таму кај што е загадувачот ќе има деградирање, ќе го направат безопасен“, нагласува Никушевски.

За него технологијата е потребна и во однос водните површини, водоводи, пречистителни станици… Македонија треба да потроши милиони евра на прочистителни станици, бидејќи, вели, Вардар не е само наш. Не може во Вардар да пуштаме било што, би сносиле пенали кога ќе се интегрираме во европското семејство.

„Шпанија ја има развиено оваа технологија од причина што е голем производител на храна во ЕУ. Има огромни оранжерии, каде се употребале прекумерни количини на пестициди и сл. Со сите тие работи се расипува почвата, тоа е сериозен импакт на огромен регион, преку загадување на подземните води. Шпанија како членка на ЕУ мораше да направи чекори, да ги регулира сите овие работи, па во нивните оранжерии одамна се имплементирани големи системи за фотокаталитична деградација на загадувачите, се со цел отпадната вода од оранжериите да заврши како чиста вода. Да не ја менува природата“, забележува тој.

За загадувањето во Македонија, генерално вели дека треба да се сменат повеќе работи. Од будна јавност, до закони, начини за искористување на сончевата енергија, па до екипирање на министерствата. Мерењата да бидат малку попрецизни, од стручни лица.

„Дали знаеме што точно чади од конкретен оџак? Би се увидело кога би користеле алатки што мерат по 400-500 гасови. Имам јас таква и ја понудив на повеќе невладини организации. Досега немав можност да ја понудам и на институции, бидејќи немаше комуникација со нив. Истовремено, мора да знаеме дека живееме во ера на соларна економија. Нашата научна фела не зборува за тоа! Луѓето сешто прават од сонцето, а ние  стагнираме, иако велиме сме ‘сончева земја’. Не ни треба да купиме филтер од Шведска за да го исчистаме линданот во ОХИС, туку само сонцето. Ретко тоа се споменува, иако може да не однесе напред. Затоа што, сигурно нема да дојде шеик со 5 милијарди за ‘да не оправи’“, констатира Никушевски.

Бојан Шашевски