Никола Маџиров е прогласен за национален уметник за 2016

Македонскиот поет и преведувач Никола Маџиров е избран за национален уметник за 2016 година.

Од Министерството за култура информираат дека оваа година пристигнаа три иницијативи. Од Младинскиот културен центар за Никола Маџиров, од Хуманитарното друштво Хендикепирано лице од Скопје за д-р Самуел Садикарио и Друштвото на писатели на Македонија за академик Радован Павловски.

Увид во иницијативите, како што соопштуваат, изврши Комисија составена од академиците Митко Маџунков и Вера Битракова Грозданова, проф. м-р Тања Вујисиќ-Тодоровска, актерот Петар Темелковски и проф. Беди Ибраими, академски сликар и скулптор.

Маџиров е еден од најистакнатите македонски поети и преведувачи од помладата генерација, кој со своето постојано и активно учество на врвни меѓународни книжевни фестивали во последните години дава значаен придонес во афирмацијата на новата македонска книжевност во светот.

Неговата поезија е објавена во над 50-тина држави во светот, во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка во Австралија и е преведена на 41 странски јазик. Маџиров е добитник на повеќе книжевни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за поетската книга „Преместен камен“ (2007), Европската поетска награда „Хуберт Бурда“, „Левју литерер“… Тој има настапувано во најголемите и најреномирани фестивали и хали во светот.

Ова највисоко признание од областа на културата во Република Македонија, го востанови Владата во 2011 година. Титулата национален уметник досега ја имаат добиено Симон Трпчески, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов и Ана Дурловски.