Нема надлежни за глувците во Градскиот парк во Скопје

„Додека јас и моето друштво бевме излезени вечерва на таканаречините сепариња во Градскиот парк забележавме поголем број на глувци кои се движеа околу нив, па и на самите сепариња. Беше страшно непријатна слика. И ова не прв пат што забележуваме глувци во Градскиот парк“.

Згрозена од ваквата слика, Кристина К. реагираше до редакцијата на Радио МОФ преку алатката #ПријавиПроблем, загрижена од наездата на глувци во најубавиот дел на градот.

Кога мачките ги нема, глувците оро вијат

Кој и дали воопшто се прави дератизација во паркот?Потрагата ја почнавме од Град Скопје. Оттаму се децидни. Тие не вршат дератизација во паркот.

„Во Законот за Град Скопје јасно е пропишано дека дератизацијата е надлежност на општините (без оглед на локацијата). Градот Скопје, согласно законот, не врши дератизација“, стои во дописот до Радио МОФ.

Градскиот парк се протега главно во рамките на Општина Центар. Помал дел и припаѓа на Карпош.

Од Центар велат дека два пати годишно дератизираат во нивната општина, но не и во Градскиот парк, бидејќи не се надлежни за овој простор.

„Апсолутно, одржувањето во Градскиот парк е под ингеренција на Град Скопје. Комплетно целосното одржување, вклучително и дератизацијата, се ингеренциите во Град Скопје“, велат од Општина Центар.

Карпошани се на иста линија со центарци.

„Градски парк е сопственост на Град Скопје и единствено Град Скопје треба да го одржува“, децидни се од Карпош.

Одговор побаравме и во Паркови и зеленило, кои го одржуваат паркот. И оттаму добивме одговор дека немаат ингеренции и не прават дератизација во паркот.

Фото: Кристина К.

„Мислам дека нема потреба да ги наведувам причините зошто ова е голем проблем, но сепак еве ќе споменам дека (денеска) во вторник се игра најголемиот фудбалски натпревар во историјата на државава токму до Градскиот парк и ќе има многу странски државјани. Второ, и најважно, знаеме дека моментално во гостиварско има епидемија предизвикана од глувци“, револтирано забележува Кристина.