Насилството врз супкултури прогласено за злосторство од омраза во британски град

Полицијата во британскиот град Лестершир ја прошири листата на злосторства направени од омраза, вклучувајќи го насилството врз луѓе кои се дел од некоја супкултура. Одлуката е резултат на кампањата на мајката на починатата Софи Ланкестер, која во 2007 година беше убиена од група хулигани. Според тогашната изјава на полицијата, нападот бил предизвикан поради изгледот на девојката, облечена во готски стил.

Полицијата во овој град неодамна посочи дека е одговорна да се осигура дека никој нема да биде повреден поради надворешниот изглед. Досега, постојат пет национално признати категории на злосторство од омраза. Прв што го додаде насилството врз супкултури во рамки на овие категории е Манчестер, додека Лестершир e деветти град што го направил тоа.

Мајката на Софи, Силвија Ланкестер изјави дека луѓето од алтернативните заедници можат да бидат сигурни дека отсега кога ќе пријават малтретирање ќе бидат сфатени сериозно.

„Ова е пошироко прашање од тоа што мислат луѓето. Поради тоа што алтернативните супкултури се помалку застапени и не се популарни, се соочуваат со насилство и нетолеранција“, изјави  Ланкестер.

Таа основа и фондација што се залага за намалување на злосторството од омраза. Воедно, нагласи дека полицијата во одредени градови не ја сфаќа сериозно злоупотребата и поради тоа ја започнала кампањата со која различни животни стилови и надворешен изглед ќе бидат прифатени.