Најмалку 13 жртви по терористички напад во Барселона, јавуваат шпанските медиуми

Шпанските медиуми јавуваат дека најмалку 13 лица се мртви, а 20-тина се повредени откако комбе со голема брзина прегази пешаци на најпрометната улица во шпанскиот град Барселона, Ла Рамбла.

Полицијата го третира инцидентот како терористички напад. За бројот на жртви информира весникот Ел Паис од нивни полициски извори и засега тие не се официјално потврдени од локалните власти.

Безбедносните служби се во потрага по напаѓачот кој го возел комбито, како и евентуални негови соучесници. Официјално, од полицијата, засега е потврдено дека е уапсено едно лице за кое се верува дека е поврзано со нападот, додека ги демантираат информациите дека вооружени лица се опколени во бар во центарот на градот.

Еден од сведоците изјавил дека комбито „ги прегазило луѓето додека поминувале на семафор“, пренесува Ел Паис.

По нападот забележани биле и панични сцени и неколку стампеда на луѓе во центарот на Барселона.

Шеталиштето Ла Рамбла е опколено од полиција, како и околните улици. Јавниот сообраќај е запрен во центарот на градот.

Полициските службеници побарале од луѓето околу Плоштадот Каталуња да бидат во затворени простории, додека ги повикаа загрижените роднини и пријатели да се служат со социјалните медиуми, наместо со телефонски повици, за да се избегне преоптоварување на комуникациските мрежи.