МОН: Целосно да се расветли случајот со злоупотреба на лични податоци на студенти

Министерството за образование и наука (МОН) денеска ги повика надлежните институции целосно да го расветлат случајот со злоупотреба на лични податоци на студенти од Машинскиот факултет и други факултети на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ).

„Во врска со случајот со објавените лични податоци на актуелни и поранешни студенти на Машинскиот факултет, но и на други факултети во состав на УКИМ во Скопје, МОН апелира и ги повикува надлежните институции, Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за заштита на личните податоци да преземат соодветни мерки во насока на целосно расветлување на случајот, односно утврдување на причините за настанувањето на ситуацијата и посочување на соодветна одговорност за инволвираните“, стои во соопштението од МОН.

Од Дирекцијата претходно соопштија дека веднаш отпочнале со постапка за вонреден инспекциски надзор со цел да се тврди фактичката состојба. До денес се пристигнати повеќе барања за вршење инспекциски надзор. Тие биле доставени од деканот на Машински факултет, Дарко Данев, како и од повеќе физички лица кои се сомневаат дека е извршена злоупотреба на нивните лични податоци.

ДЗЛП им препорачува на граѓаните веднаш да ја променат лозинката што ја користат на личните и професионалните и-мејлови, друштвените мрежи, Skype и други сервиси. Исто така, често да ги менуваат лозинките, да се обезбедат дополнителна заштита и доколку забележат дека има злоупотреби да пријават во Дирекцијата.