Дирекцијата за заштита на лични податоци отпочна вонреден инспекциски надзор за „протечените“ податоци на студентите

Дирекцијата за заштита на личните податоци -ДЗЛП соопшти дека до денес се пристигнати повеќе барања за вршење инспекциски надзор. Тие биле доставени од деканот на Машински факултет, Дарко Данев, како и од повеќе физички лица кои се сомневаат дека е извршена злоупотреба на нивните лични податоци.

„Дирекцијата за заштита на личните податоци веднаш отпочна со постапка за вонреден инспекциски надзор со цел да се тврди фактичката состојба“ велат за Радио МОФ.

Сепак, тие информираат дека не се во можност да одговорат на прашањето дали Машинскиот факултет смее да поседува податоци за студенти и од други факултети, додека не заврши надзорот.

ДЗЛП им препорачува на граѓаните веднаш да ја променат лозинката што ја користат на личните и професионалните и-мејлови, друштвените мрежи, Skype и други сервиси. Исто така, често да ги менуваат лозинките, да се обезбедат дополнителна заштита и доколку забележат дека има злоупотреби да пријават во Дирекцијата.

„Опасноста е дека луѓето кои имаат пристап до базата може да се обидат со истите лозинки да се логираат користејќи го личниот и-мејл кој е присутен во базата. Добрите лозинки се состојат од комбинација на мали и големи букви, броеви и специфични симболи кои се тешки за побивање. Одберете да користите и СМС кодови за верификација, а не датумот на раѓање, кој доста платформи го користат во процесот за ресетирање на лозинки“, посочуваат од ДЗЛП.

Данев, пак, потврди дека денеска испратиле писмено барање до Дирекцијата во врска со „протекувањето“ на личните податоци на речиси 5 000 студенти. Сега, како што вели тој за Радио МОФ, останува да чекаат насоки од Дирекцијата.

„Барањето е примено и очекуваме да дојдат во текот на идната недела заради вршење на надзор. Откако ќе дојдат лицата од ДЗЛП се надевам дека ќе добиеме насоки за постапување“, рече Данев.

Информацијата за „протечената“ датабаза најпрво почна да се шири преку социјалните мрежи. Радио МОФ прв објави за случајот, а по ова деканот Данев изјави дека се исклучени серверите за да се спречи дополнително ширење на податоци.

Инаку, оние кои сакаат да дознаат дали нивното име, адреса, телефонски броеви, адреса, индекс и лозинка се наоѓаат во „протечената“ датабаза, тоа може да го направат преку пребарувачот на IT.mk, каде се внесува личниот и-мејл, по што се врши проверка дали е присутен во датабазата.