Младите ја напуштаат земјата во потрага по работа и подобро образование

Се повеќе млади луѓе си заминуваат од Македонија заради економски потешкотии и невработеност, како и во потрага по подобро образование. Ова се дел од заклучоците на денешната конференција по повод Меѓународниот ден на млади, организирана од Националниот младински совет.

Младите ја напуштаат земјата во потрага по работа и образовни можности

Младите од Македонија минатата година биле 16 % од вкупното население кое мигрирало во странство. Претседателката на Национален младински совет на Македонија, Ивана Давидовска, вели дека причините за миграцијата на младите се различни, но генерално таа е од економски причини.

„Сепак многу е важно да се препознае реинтеграцијата на сите млади кои мигрирале и се вратиле во земјата како и да се даде поддршка во унапредување на нивните вештини и знаење кое го добиле при работа во странство. Со одбележување на овој ден нашата клучна порака би била повик до сите лидери во општеството, од сите сектори, дали доаѓаат од политиката граѓанското општество, приватниот сектор – да се посветат на градење на партнерство со младите и да ни овозможат градење на вештини, ресурси и мрежи кои ни се потребни, охрабрувајќи не на тој начин да станеме агенти на промените и да бидеме дел од целото општество“, вели Давидовска.

Министерот за европски прашања, Фатмир Бесими, истакна дека во Македонија расте бројот на млади кои ја напуштаат земјата, особено во потрага по работа и дообразување. Тој нагласи дека од 1998 до 2011 година земјата ја напуштиле околу 230 илјади граѓани што е над 12 проценти од населението.

„Младите од 15 до 24 години според податоците за првиот квартал од 2013 година во вкупното активно население учествуваат со околу 10%. Во вкупните вработени како процент тие се 6,7% а во бројот на невработени околу 18 %. Ова значи дека има доволно простор за младите да се вклучат поактивно во работните можности во Македонија“, рече Бесими.

Сепак, тој не одговори на прашањето на еден од ЛГБТ активистистите, дали една од причините за напуштањето на земјата од страна на младите е и дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација.

Петра Андерсен од Делегацијата на ЕУ во Македонија истакна дека е невозможно денес да се стои пред млада публика во Европа и да се игнорираат лошите вести.

„Младината во Европа поминува низ тешки времиња. Многу Европјани од сите возрасти страдаат од глобалната економска криза, ги изгубија работните места, социјалните бенефиции или нивните заштеди. Ова особено влијае на младите. За нив е тешко да влезат во пазарот на труд а младинската невработеност е рекордно висока во многу земји членки на ЕУ. Социјалните тензии и ксенофобијата се во пораст. Многу од младите кои се допрени од кризата, изгубија верба во европскиот проект. Сепак, има и добри вести. Дали на граѓаните на Европа вклучувајќи ги и младите би им било подобро без Европската унија?“, рече таа.

Амбасадор на УНИЦЕФ во Македонија, Бертранд Демулан, пак, истакна дека младите луѓе низ светот покажале дека претставуваат сила.

„Младите жени и мажи сакаат место на масата каде ќе добијат вистински глас во градењето на политиките кои имаат влијание врз нивниот живот“, рече Демулан.

Оваа година прославата на Меѓународниот ден на младите е во знакот на  младинската миграција. Во светот, на годишно ниво од 214 милиони мигранти, младите изнесуваат 10%.

На прес-конференцијата беше презентирана и публикацијата “Младинско организирање во Македонија-Чекорите до Национален младински совет” и беше испратена порака за зголемено младинско учество и вклучување во општеството.

К.О.