Масовен протест во Скопје, граѓаните бараат оставка од Владата

Неколку десетици илјади граѓани денеска излегоа пред Владата на Република Макеонија за да побараат слобода, правда, но и оставка од сегашната владејачка гарнитура, односно формирање преодна Владна која ќе ги организира следните избори. Протест организиран од граѓански здруженија, невладини организации и опозициските политички партии, ммина во мирна атмосфера и без партиски обележја, а граѓаните кои излегоа на денешниот протест изјавија дека им е доста од она што досега се случуваше и дека бараат промени.

Како први говорници на големата бина пред Владата излегоа студентите, кои на македонски и албански јазик побараа демократска држава, еднакви можности и иднина за младите во Македонија.

„Драги политичари, вие ни го одземате правото на мислење, правото на вредности и на став. Ако кажам едно нешто сум ДПМНЕ, ако кажам друго сум СДСМ. Студентите не можат да ги остварат своитте права и слободи и права и не можат слободно да се изразат. Дури и кога седнавте со вас на маса, од Владата, вие размислувавте како да не изиграте, а не како да не разберете. Е затоа сме тука денеска, за да ви кажеме дека ни е доста , за да ви кажеме дека не сме на продажба за таблети, за десет посто повисока стипендија, а живееме во студентски домови кои личат на средновековни затвори“, рече пред присутните Христијан Поп Симонов од Студентскиот пленум.

Протестирам за сите неправди направени во Македонија, истакна во својот говор режисерот Александар Поповски .

„Јас денеска стојам на страната на луѓе кои стојат на подобра Македонија. Кога се појави првата архи бригада протестирав, кога го убија Мартин Нешковски, протестирав, кога сечеа дрвја, протестирав, кога го затворивте Кежароски, протестирав, кога исфрлавте новинари од Собранието, протестирав, кога исфрлавте пратеници, протестирав! Кога укинувавте универзитети и автономија, протестирав! Кога сакавте ГТЦ да го претворите во барок протестирав! Кога убиваа полицајци, протестирав. Кога средношколците протестираа, протестирав! Кога сакавте да ги затворите студентите, протестирав! Протестирам за сите направени неправди во Македонија“, истакна Поповски.

На бината пред Влада говореа и активистите Џабир Дерала, Мирјана Најчевска, Петрит Сарачини, Огнен Јаневски, потоа режисерот Владимир Милчин, хонорарната преведувачка Марија Џоунс, поранешниот дипломат од „холандската тројка Никола Димитров.

Опозицискиот лидер Зоран Заев пак пред демонстрантите порача дека нема друго решение освен  „со волја или без волја на Никола Груевски, тој ќе мора да замине“. Заев вети дека ако дојдат на власт, ќе направат општество каде ќе има место за сите.

На масовниот протест заедно се вееја македонското и албанското знаме, но и турското, знамето на ЛГБТ заедницата, а во рацете демонстрантите држеа транспаренти со пораки за оставка на Владата.

Поддршка за протестот и свои обраќања пред демонстрантите имаа европратеникот Кнут Флекенштајн и Сергеј Станишев, претседателот на партијата на Европски социјалисти. По протестот почнаа да се вадат шатори, душеци и ќебиња, за дел од демонстрантите кои најавија  дека ќе кампуваат пред Владата се до оставка на Владата.

Поддршка за протестите од Љубљана и Лондон

Истовремено со протестот во Скопје, поддршка за протестите во земјава, за студентите и сите демонстранти од Љубљана испратија Македонците кои живеат и работат во овој град.

Фото: BOBO/rtvslo.si

Фото: BOBO/rtvslo.si

„Поддршка за Студентски пленум“, „Став или страв“, „Оставка на владата“, беа дел од написите на транспарентите кои се носеа денеска низ Љубљана.

Како што јави Телма пак, со сочувство за загинатите во акцијата во Куманово започна протестот и во Лондон за поддршка на денешните протести пред македонската влада. Македонците кои живеат во Лондон побараа оставка од македонската влада.

Ј.Ј.