Македонија треба да плати милион долари на ООН

Македонија должи 1.007.672 американски долари на Обединетите Нации додека сумата од 24.606 е минимумот кој земјата треба да го подмири за да има право на глас во Генералното Собрание на ООН, открива Радио Слободна Европа.

Портпаролот на генералниот секретар на светскатата организација Бан Ки-мун, Стефан Дујариќ, на барање на РСЕ испратил табела во која се опишуваат долговите на Македонија кон светската организација.

Откако медиумите објавија дека Македонија го изгубила правото на глас во Обединетите нации поради неплатен долг од 24.606 долари, Министерството за надворешни работи излезе со информации дека оваа сума е подмирена.

На листата на држави кои го изгубиле гласот се наоѓаат Гренада, Киргистан, Гвинеја, Руанда, Сомалија и Јемен.

„Членка на Обединетите нации, која доцни во плаќањето на своите финансиските придонеси на организацијата нема да има гласање на Генералното Собрание ако износот на долгови е еднаков или поголем од износот на придонеси кој се должи од него, за претходните две полни години. Генералното Собрание сепак може, да дозволи таква земја да гласа ако неуспехот да се плати е поради условите кои се надвор од контролата на земјата“, се вели во писмото испратено на 12 јануари од Генералниот Секретар на ООН, Бан Ки Мун.