Курс за црни дупки – од супернови до квазари

Астрономскиот центар Орион организира курс за црни дупки. Предавањата ќе се одржат во три термини со почеток во четврток, 11 мај во 20:00 часот во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет во Скопје. Останатите термини се вторник, 16 мај и четврток, 18 мај исто така со почеток во 20:00 часот.

Подготвени се 8 предавања од области што ги допираат екстремните појави на црните дупки. Курсот е осмислен да биде од популарен карактер, што значи дека за негово следење не се потребни предзнаења.

Сите предавања почнуваат од 20:00 ч. и траат до 21:50 заедно со паузата од 10 минути. После секое предавање ќе има прашања и кратка дискусија.

На крај од курсот ќе се доделат сертификати за учество.

Цената на курсот е 500 ден.

Предавањата тематски се директно поврзани меѓу себе и затоа нема одделни пакети за нивно следење. Цената е веќе со голем попуст од 50%, затоа ги нема вообичаените попусти за студенти и членови на астрономски друштва.

Пријавување не е потребно, само треба да дојдете 20 минути пред почетокот на првото предавање пред амфитеатарот каде се врши и уплатата.

Преку овој мини курс, учесниците ќе се запознаат со сите најважни појави што ги карактеризираат овие фасцинантни космички објекти, начинот на нивното создавање, директни и индиректни набљудувања, нивниот надворешен изглед во разни средини и како овие „црни“, невидливи објекти ги предизвикуваат најсјајните појави во Универзумот кои се билиони пати посветли од ѕвездите на нашето небо.

За најголемите од нив, супермасивните црни дупки ќе се спомене за нивното потекло и како влијаат врз развојот на галаксиите, неколку хипотези за нивното создавање, кое во блиска иднина би требало да биде и научно докажано. Токму супермасивните црни дупки некогаш се манифестираат како квазари што лесно се набљудуваат од најоддалечените области во Универзумот.

Црните дупки со ѕвездена маса ќе бидат подетално обработени како за нивното создавање, така и описно објаснет процесот на создавање од зачеток до супернови, експлозии со најголема енергија во природата. Во експлозиите на супернова се создадени потешките елементи од периодниот систем кои денес ги забележуваме насекаде околу нас. Секој стадиум од создавањето на ѕвездите ќе биде детално опишан и пропратен со фотографии од најголемите и најмоќните телескопи.

На предавањата ќе бидат опишани неинтуитивните услови кои се појавуваат при патување со брзини приближни на брзината на светлината. Подоцна ќе се запознаете со ефектите кои би ги доживеале и што би набљудувале доколку би се упатиле кон црна дупка и навлегувањето низ хоризонтот на настани од каде нема враќање.

Во последниот дел од циклусот предавања, учесниците ќе се запознаат со најновите и највозбуливите набљудувања на црните дупки преку гравитациски бранови. А исто така и првата најавена фотографија од супермасивната црна дупка во нашата галаксија, Млечниот Пат која ќе биде објавена кон крајот на оваа година. И како за крај некои хипотези и шпекулации што теоретски се предвидуваат за особините на Универзумот кои произлегуваат од проучувањето на егзотичната природа на црните дупки.

Низ курсот ќе бидат разобличени неколку митови за црните дупки, како на пример дека тие се ’космички правосмукалки’ кои привлекуваат материја од огромни далечини со нескротлива сила. Всушност доколку Сонцето се компримира во црна дупка тоа нема да има никакво влијание врз орбитата на планетите. Исто така како и за стравувањата дека микро црни дупки создадени во акцелераторот во ЦЕРН ќе пораснат и ќе ја уништат Земјата, ваквите тврдења немаат никаква основа во физиката.

Предавањата ќе ги води Кристијан Шишковски, основач и претседател на Астрономскиот центар Орион.

Повеќе информации за курсот на веб-страницата на астрономскиот центар.