Консултации за ново студентско организирање утре во Битола

Утре во Инфо клуб – Битола на Правниот факултет ќе се одржи втората јавна консултација за ново студентско организирање во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ) и Фондацијата Отворено општество – Македонија.

На настанот студентите ќе ги споделат своите очекувања и ставови на првите отворени консултации за студентското организирање во Македонија.

Организаторите посочуваат дека иницијативата за јавни консултации со студенти, професори, студентски организации и други засегнати страни има за цел да ги прибере мислењата за нов модел на студентско организирање. Според нив, овие консултации ќе помогнат во дефинирање аргументи и предлози кои би се доставиле до надлежните институции за подобрување на решенијата во рамки на Законот за високо образование.

Најавени говорници на настанот се Ѓорѓи Рајчиноски од Студентскиот пленум, Никола Петровски од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), Ангела Јанкоска од Европска асоцијација на студенти по право (ЕЛСА) и Александра Филипова од МОФ.

Вакви јавни консултации се реализираат со студентите на четири државни универзитети. По дискусиијата која се одржа на Универзитет „Гоце Делчев“- Штип и оваа која ќе се случи на Универзитет „Св. Климент Охридски“- Битола, ќе следат и дискусии на Државен универзитет во Тетово и Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Активностите се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.