[Колумна] Формално и неформално образование за работа со маргинализирани заедници

„Целта на едукацијата е да го замени празниот ум со отворен.“ – Малколм Форбс

„Образование е она што ќе опстане кога наученото ќе се заборави.“ – Б. Ф. Скинер

Советот на Европа го дефинира неформалното образование во корелација со традиционалните форми на едукација, споменувајќи дека треба да е поставено надвор од формалното и да го дополнува, како и да биде дизајнирано да подобрува широк спектар на вештини и на компетенции кај младите луѓе. Причината зошто се дава големо значење на неформалното образование е признанието дека формалното образование не успева целосно да ги задоволи потребите за личен и за професионален развој на младите. Неформалното образование придонесува во процесот на доживотно учење и развивање на човечкиот капитал. Како концепт неформалното образование за првпат се појавува во 80-тите години на минатиот век кога е забележано дека формалното образование не води кон развој на општеството и не може да одговори на потребите за развој на пазарот на трудот. Неформалното образование нуди широк спектар на можности. Од учење за развој на лични и на животни вештини, и способности, до развој на специфични професионални вештини и знаења.

Кога станува збор за неформално образование за работа со маргинализираните заедници се зборува за образование на маргините. Како што најчесто маргинализираните заедници се исклучени од општеството, така во формалниот процес на образование се исклучени и темите за работа со нив, за нивните права, за политиките што се креираат за нив итн.

Токму исклученоста на темите поврзани за работа со маргинализирани заедници од формалниот образовен процес поттикнала иницијативи да се развиваат програми во неформалното образование. Во Република Македонија, во текот на 2000-тите години започнуваат да се развиваат програми за младинска работа, развој на концептот на човекови права, права на маргинализирани заедници, хумани политики за зависности, превенција на ХИВ/СИДА и други теми што не беа опфатени со формалното образование. Овие програми започнаа да се реализираат најпрво преку краткотрајни, еднократни работилници со млади, потоа преку спроведување на конципирани модули и школи, па сè до воведување на дел од нив во формалниот образовен процес како што е образованието за младинска работа на Универзитетот на Југоисточна Европа. Оттука може да се увиди потребата на младите за стекнување со знаења и со вештини во специфичните области.

Кога станува збор за образование за работа со маргинализирани заедници, во кои се вбројуваат и луѓето кои користат дроги, во Република Македонија не постои институција што врши образование на кадри подготвени за работа на вакви теми. Образованието за теми поврзани со зависноста како комплексно прашање треба да обезбеди мултидисциплинарен пристап во учењето за работа на ова поле. Оттаму потребата оваа тема да биде обработена од повеќе аспекти и опфатена во наставните курикулуми на различни области, и тоа: социјална работа, психологија, педагогија, безбедност и полиција, право, судство, медицина итн.

Една од темите што е речиси целосно запоставена во формалното стручно образование во Македонија е употребата на дроги. Според NIDA (National Institute on Drug Abuse) употребата на дроги е голем здравствен проблем што влијае на општеството на повеќе нивоа и што под терминот дроги ги подразбира сите легални и нелегални психотропни супстанции, тутун и алкохол. Ваквото сместување на употребата на дроги дава пошироко општествено поле за дејствување. Како што истакнува Светската здравствена организација, третирањето на употребата на дроги како јавно здравствен проблем може да придонесе за дестигматизација на прашањата од оваа област, а со тоа да создадат услови за обезбедување широк спектар на услуги за луѓето кои користат дроги создавајќи целокупен систем на поддршка.

Како социјална работничка јас во текот на моите студии со поимот употреба на дроги се сретнав единствено во рамките на предметот што ги изучуваше социо-патолошките појави на општеството. Сместувањето на оваа тема во рамките на предметот социјална патологија, за мене, укажуваше на маргинализирање на одредена заедница во однос на другите општествени заедници. Социјалната работа ја разбирам како професија базирана на практики, академска дисциплина што промовира развој и социјални промени, социјална кохезија, како и зајакнување и ослободување на луѓето. Принципите за социјална правда, човекови права, колективна одговорност и почитување на различностите се централни за социјалната работа. Поткрепено со теории за социјална работа, социјална политика и хумани знаења, социјалната работа ангажира луѓе и структури да ги адресираат животните предизвици и да обезбедат подобрување на општествената благосостојба. Токму затоа сметам дека одговорноста на социјалните работници е да ги застапуваат правата на сите маргинализирани заедници, вклучувајќи ги и луѓето кои употребуваат дроги.

Зошто е потребно образование на тема употреба на дроги?

Мишел Фуко во делото „Објектот и моќта“ зборува за постојаните борби против авторитети, на пр. моќта на мажите врз жените, на родителите врз децата, на администрацијата врз животниот стил итн. Преку овие борби тој го објаснува значењето на знаењето, на вештините и на квалификациите. Истакнува дека во денешните животни и општествени текови постои борба против привилегии врз достапноста на знаењето. Во врска со моќта на знаењето, важно е прашањето на кои начини циркулира и функционира знаењето. Со цел да се овозможи сеопфатно знаење за општествените политики, важно е да се проучуваат сите општествени процеси. Темата употреба на дроги и зависност од дроги е дел од овие процеси и затоа е важно да постои соодветно образование што ќе ги опфати сите нејзини сегменти.

Кога стручните работници кои работат во областа на зависноста (социјални работници, психолози, педагози, доктори, психијатри, правници, адвокати, полицајци, инспектори, донесувачи на одлуки) ќе се стекнат со сеопфатни информации поврзани со дефинирање на употребата на дроги, зависност од дроги, видови дроги, третман на луѓе зависни од дроги, намалување на штети од употреба на дроги, психосоцијални сервиси за луѓето кои употребуваат дроги, проблеми со дрогите во затворските системи, родовите аспекти во развивањето на програмите за работа со луѓето кои употребуваат дроги, концептот на човекови права и луѓето кои употребуваат дроги, општествени истражувања за дроги, глобалната состојба со дроги во светот и во Македонија, ќе имаат целосна слика за положбата на луѓето кои употребуваат дроги во општеството. Со посеопфатно запознавање на потребите на луѓето кои употребуваат дроги, професионалците почнуваат да градат поотворени ставови и недискриминаторски однос, и на тој начин ја стекнуваат довербата на оваа заедница.

Стекнувањето на знаења и на вештини за работа со луѓе кои употребуваат дроги поттикнува разбирање на потребите и на проблемите со кои тие се соочуваат. Разбирањето понатаму може да резултира со креирање хумани политики со инкорпориран концепт на човекови права. Спроведувањето на хумани политики на дроги понатаму придонесува за социјално вклучување на луѓето кои употребуваат дроги во општествените процеси. Сето ова го брише маѓепсаниот круг на општествена исклученост и создава можности за активно вклучување на оваа заедница во општествениот развој. Затоа обврска на секој од нас, како професионалци, но и како луѓе, е да креираме поволна средина за личен и за професионален развој, што понатаму би се одразил во општествениот развој.

Добри практики за неформално образование од областа на употребата на дроги

За да се пополни празнината од соодветно образование за адиктологија, Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје во 2012 година основаше Летна школа за зависности од дроги. Летната школа е прв и единствен образовен настан во Република Македонија каде што млади стручни кадри учат да работат на полето на зависноста од дроги. Школата за зависности од дроги нуди единствена прилика за мултидисциплинарен пристап за учење на зависноста, пристап што ги зема предвид социјалните, медицинските, психолошките, но и прашањата за политики за дроги. Со курикулумот се настојува да се понуди сеопфатен преглед на моделите на политика за дроги, третмани (односно лекување) базирани на докази, намалување на штети од употреба на дроги, психосоцијална поддршка и концептот на човекови права. Учесници на школата беа млади професионалци (студенти и дипломирани) од областа на социјалната работа, на психологијата, на правото, на медицината, на безбедноста, полиција и детективи.

Според досегашното искуство учесниците на Летната школа за зависности се презадоволни од тоа што, покрај теоретски знаења и вештини, добиваат увид и во практичното спроведување на Програмата за намалување на штети, Програмата за третман на зависности и Програмата за рехабилитација и за ресоцијализација на корисници на дроги. Посетата на споменативе програми на учесниците им овозможува визуелизација на теоретската подготвеност. Голем број од учесниците во изминативе години изјавуваа дека за нив е многу важно да видат како во пракса се спроведува теоријата за која зборуваат предавачите. Истакнуваат дека во рамките на формалното образование, тоа е нишката што недостасува. Можноста да бидат активно вклучени во процесот на учење преку споделување на свои искуства, на ставови, на дилеми и на прашања е само уште една причина што ја прави школата атрактивна за студенти и за професионалци кои работат во областа на зависностите. Некои од учесниците истакнуваат дека учеството на школата им влијаело на промена на чувствата и на перцепциите што биле резултат на неразбирање, оскудни информации, осудување преку негување стереотипи и отфрлање. Многумина претходно не биле свесни дека стигматизирањето од страна на институции што постојат за да им помогнат на луѓето кои користат дроги придонесува за зголемена општествена стереотипна слика.

Темите опфатени на школата се од голема важноста за идните професионалци кои ќе работат во оваа област. Школата претставува надополнување на знаењата и на вештините со кои младите професионалци се стекнуваат во текот на формалното образование. Иако формалното образование нуди делумно, а несоодветно теоретско учење и делумно практично искуство, сепак не е доволно за да се подготви еден млад човек да се соочи со предизвиците при работењето во една комплексна област каква што е употребата на дроги и зависноста. Затоа сметам дека е неопходно постоењето на неформално образование што ќе го надополни формалното образование при работата со маргиналирани заедници, а особено работа со луѓето кои употребуваат дроги. Преку неформалното образование се дава значење на практичното искусување на научената теорија, се обезбедува стекнување и развивање практични вештини што се неопходни за сеопфатно образование. Онаму каде што формалното образование потфрлило да обезбеди можности за учење, неформалното образование надополнува.

Со цел да се обезбеди сеопфатен образовен систем за идните професионалци, потребно е интегрирање на формалното и на неформалното образование.

Пишува: Аница Димовска

Извор: ХОПС

Авторката е социјална работничка. Дипломирала на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје (2002 – 2006), во моментов е магистрант на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Во ХОПС работи од 2009 година, во моментов работи на креирање, на организирање и на спроведување едукативни програми и настани како програмска асистентка за едукации во ЦЕДИ – Центар за едукација, документирање и истражување.