[Колумна] Чашите се прелеаја

Најновата реформа која ги потишти средношколците е законот за полагање на математика како задолжителен предмет на државна матура. Нешто кое е воопшто неприфатливо и нешто за кое најверојатно ќе следи една огромна битка, пишува Кристина Крајевска од Средношколскиот пленум во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Сте се сретнале ли некогаш очи в очи со она чувство, да токму тоа, кога секојдневието ти е исполнето со константно наметнувани закономерности врз кои треба да се темели твоето понатамошно развивање како личност? Голем е бројот на фактори кои влијаат врз изградбата на твојот животен пат, но кое е она единственото врз кое некој надлежен може да преземе тотална контрола? Образовниот процес е фаза од животот низ која треба да поминеме сите, а неговиот квалитет е она кое треба да нè лиши од понатамошните потешкотии на нашиот пат кон постанување идни интелектуалци. Луѓе на чии плеќи ќе падне сиот товар кој со себе го носи иднината на нашето современо општество.

Имено, неколку години наназад Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование се во неуспешен обид да го подобрат образованието за сите. Но, изминатиов период ништо од наметнатото не остана премолчено. Нешто како да ги натера младите кон тотална афирмација. Иако доста студена, никој не потклекна на хибернацијата и хедонизмот кои ги нуди секоја зима. Со прелевањето на чашата во која секојдневно со години наназад се натрупуваа проблемите на секој еден студент, тие се охрабрија и го погледнаа в очи најопасниот вирус, кој во облик на „државен испит“ беше раширен оваа зима. Развија антитела кои беа спремни на сè, станаа имуни на секојдневните болести кои ги нуди образовниот систем и храбро ја извојуваа битката за сите нас.

Но, тука не беше ставен крајот на огромната река од непромислени глупости која полека нè поплавува секој ден. Имено, најновата реформа која ги потишти средношколците е законот за полагање на математика како задолжителен предмет на државна матура. Нешто кое е воопшто неприфатливо и нешто за кое најверојатно ќе следи една огромна битка. Но, како да се започне таа битка, кога стравот и притисокот се оние двајца познати побратими кои те потиснуваат од сите страни. Секојдневно слушаш разни предупредувања, размислувања, а воедно и обвинувања кои како вечни сенки те демнат во твојот чекор додека со наведната глава ги поднесуваш сите неправди кои газат врз твојот живот секојдневно, налик тешки црни ѓонови кои не знаат за каков било вид милосрдие. Но, нели забележувате како полека почнува да капе од страните на чашата која е поставена пред средношколците?

целата колумна прочитајте ја на веб-страницата на Радио Слободна Европа.