Јоb Fair 2016: Седумдневен саем за поврзување на компаниите и студентите од техничките факултети

Во среда, на 4 мај, се отвора дванаесеттото издание на Саемот за кариера- Јоb Fair 2016, на Технолошко-Металуршкиот Факултет (ТМФ), организиран од БЕСТ- Скопје, со цел да ги поврзе студентите и компаниите. Освен на ТМФ, на 5 и 6 мај ќе има штандови на Градежниот и Архитектонскиот факултет, додека на 9 и 10 мај и на Комплексот Технички факултети. На веб страницата на настанот веќе е отворена и можноста студентите кои се заинтересирани за соработка со компаниите да го остават своето CV. Бојана Анѓелковска, од БЕСТ- Скопје, за Радио МОФ појаснува што ќе содржи саемот годинава, кои беа предизвиците и какви се очекувањата.

Што ќе содржи Саемот годинава и како ќе биде организиран? Со оглед на тоа што настанот го организираат студенти, дали ја имавте и помошта од професорите?

Концептот на саемот секоја година е, во суштина, ист. За време на деновите на штандови компаниите имаат шанса да се презентираат себеси пред своите идни вработени. Тоа го прават со самото нивно присуство на штандовите, како и преку иновативни презентации, предавања и слично. Предавањата подготвени од самите компании, ќе се одржуваат на 9 и 10 мај. Тие се бесплатни и се одличен начин студентите да се запознаат со компанијата и што таа има да понуди. Единствено, нов е концептот на официјално отворање кој почна да се применува минатата година. Официјалното отворање на JobFair, почнувајќи од лани, содржи и настан за вмрежување. Овој настан е отворен за сите студенти кои сакаат да дојдат во директен контакт со претставници на раководството на компаниите. Сите заинтересирани можат да го најават своето присуство преку формата објавена на нашите социјални медиуми. Што се однесува до професорите, среќни сме што секоја година се повеќе и повеќе ја добиваме нивната поддршка.

Колку компаниите се заинтересирани за учество на Саемот и колку ви беше тешко да ги договорите?

На наше големо задоволство при организирање на JobFair наидовме на голем број на компании кои слушнале за минатите изданија на саемот и беа заинтересирани за учество. Исто така, да не ги заборавиме и оние кои веќе со години учествуваат на нашиот саем и секоја година ја продолжуваат соработката со нас. Што се однесува до самиот процес на договарање со компаниите, ќе излажеме ако кажеме дека не е напорен и исцрпувачки. Меѓутоа, кога на крај ќе го видите резултатот од сета ваша работа, чувството е непроценливо и знаете дека трудот се исплател. Годинава на JobFair ќе учествуваат повеќе од 30 компании.

Job Fair 2015

Job Fair 2015

За вработување компаниите бараат студентот да има има работно искуство, а студентите пак се жалат дека најчесто немаат каде да го добијат во текот на студирањето. Каква е состојбата на техничките факултети, дали има доволно пракса?

Недостатокот од практична настава е очигледен. Ретко се случува самите факултети да им обезбедат пракса на студентите, а кога такви пракси се организираат, тие се најчесто неефективни. Саемот за вработување и кариера се стреми кон тоа да ги донесе сите оние компании кои нудат пракса поблиску до студентите кои истата ја бараат. Со помош на овие пракси, студентите добиваат шанса за надоградување на своето знаење како и шанса за понатамошно вработување.

Колку техничките факултети ги подготвуваат студентите во делот на меките вештини како говорење, пишување биографии, преговарање. Дали се потребни промени во овој дел на факултетите и колку ваквите вештини им се битни на идните работодавачи?

За жал, кога станува збор за меките вештини, можеме да кажеме дека ситуацијата на техничките факултети не е најдобра бидејќи истите се стремат исклучиво кон подучување на технички вештини. Единствениот начин за студентите да се стекнат со меки вештини е членувањето во студентски организации кои редовно држат тренинзи, како што е БЕСТ Скопје. Постои потреба ова да се промени, бидејќи компаниите сѐ повеќе го ценат поседувањето вештини како оние кои ги набројавте и се стремат кои вработување на кадар кој знае и за тимска работа, лидерство, „time management“.

Job Fair 2015

Job Fair 2015

Какви се очекувањата годинава и што за вас ќе претставува успешен саем?

Со самото тоа што можеме да кажеме дека ова ќе биде најголемиот саем за вработување и кариера до сега, дел од нашите очекувања се достигнати. Покрај ова, очекуваме дека ќе има максимална посетеност на штандовите, како и на предавањата организирани од компаниите, и дека ќе биде собран рекорден број на CVа, што понатаму ќе доведе и до поголем број на понудени вработувања и пракси. Сето ова, а и задоволни студенти и компании претставува успешен настан за нас.